Првиот чекор кон постапката за прогласување на Белчишкото Блато за заштитено подрачје, денес беше преземен преку одржување на работилница посветена на Нацрт Студијата односно зонирањето на Белчишкото Блато во општина Дебрца на тема „Бенефити од Белчишкото Блато како заштитено подрачје и можности за еколошка валоризација”.
Ѓоко Зороски, проектен координатор од Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ вели дека дискусијата била насочена кон дефинирање на границите на четирите зони на Белчишкото Блато, каде влегуваат строго заштитената зона, зоната на активно управување, зоната на одржливо користење и тампон зоната.
Со засегнатите страни, пред се со општина Дебрца и со ангажираниот консултант разговаравме за нашиот предлог за границите на тие зони, врз основа на тоа што досега се работеше на терен речиси повеќе од една година, а опфати истражување на сите групи на огранизми како што се птиците, цицачите, инсектите, рибите, сите организми кои го населуваат Блатото, но и социо-економксиот апсект. Разговаравме за се тоа што е потребно за да се изработи Студијата според законската регулатива и во координација со Министерството за животна средина, со Секторот за природа, вели Зороски.
Додава дека бил образложен нивниот предлог за зонирање врз основа на Студијата, што секако треба да се договори и со локалните чинители, како што се сопствениците на зејмиште, ловџии, риболовци, туристи и сите други кои имаат некој удел во овој регион, бидејќи штом еднаш ќе се дефинираат зоните ќе биде дефинирано и кои активности се забранети, односно дозволени во истите, а тој што ќе управува со Блатото ќе треба да ги применува.
Сите добиени мислења, сугестии и коментари и од општината и од претставници од Министерството ќе ги вградиме во втората фаза. Во јануари се планира уште една работилница со засегнатите чинители и кон крајот на јануари планот е Нацрт Стратегијата да биде готова и да се одржи заедничка Јавна расправа за носење на финалната верзија, која потоа се предава во Министерството за животна средина од каде се одлучува за видот и степенот на заштита кои ќе го добие Блатото, по што следува и официјалното прогласување за заштитено подрачје, вели Зороски.
Зороски напоменува дека Белчишкото Блато е веќе означено од Министерството и како идно Натура 2000 подрачје, со што ќе биде дел од Европската мрежа на заштитени подрачја. Во оваа смисла Блатото нема да има значење само на ниво на државава, туку ќе има значење на ниво на Европа.
Со ова Блатото ќе добие и меѓународна димензија, врз основа не неговите природни, хидролошки вредности, бидејќи е еден огромен извор на свежа питка вода, од една страна, а во него се наоѓа и најголемата евлова шума во Македонија со површина од 30 хектари. Блатото е исто така и голем ресурс за развој на еко туризмот, кое во иднина ќе стане попопуларно, попознато и се надеваме малку подостапно, заклучува Зороски.

Н.С.Ј.




















