Во Касарна Хаб денес ќе се одржи презентација на тема „Метаверзум – судир на реалности и раѓање на нов свет“ со проф. д-р Анис Сефиданис со почеток во 18 часот.
Приклучете ни се во имерсивното предавање за потеклото, придобивките и предизвиците на новата парадигма на живеење наречена Метаверзум. Од визијата на Кругер, преку архитектурата и типологијата на виртуелната реалност, до најновите технологии и платформи за целосно потопување на човекот во новиот хибриден свет, велат организаторите.
Предавањето е поддржано од ЕУ преку проектот „OHRID GO“ а имплементиран од Општина Охрид и Стелар Солушнс.
Анис Сефиданис е доктор по компјутерски науки, професор, автор и пронаоѓач, предава на Факултетот за применета ИТ, машинска интелигенција и роботика, при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“.
Пред да биде избран за вонреден професор на УИНТ „Св. Апостол Павле“ во Охрид, предавал на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, како и на Европскиот универзитет каде двапати е избиран за декан на Факултетот за компјутерски науки и воедно претседател на Организацискиот комитет на Меѓународната научна конференција „Вештачка интелигенција – предизвик на дигиталната ера“.
Тој е и дел од Уредничкиот одбор на неколку меѓународни научни списанија, меѓу кои IDEA, SAR и UIST Journal, и поседува многу сертификати за обука и менторство на професионално ниво во ИКТ, вклучувајќи го и ECDL Expert Tester.
Сефиданис е основач на Истражувачкиот центар посветен на развојот на иновативни решенија за дигитална трансформација користејќи вештачка интелигенција и роботика, како и Друштво за асистивна технологија и невродиверзитет.
OhridNews












