Утре, вторник, со почеток во 13 часот во хотел „Тино“ во населбата Свети Стефан, ќе се одржи презентација на светските стандарди за одржлив туризам. Предавач ќе биде г-ѓата Михи Канг.

Светскиот совет за одржлив туризам, Global Sustainable Tourism Council (ГСТЦ) ги постави и управува со глобалните стандарди за одржлив туризам, познати како критериуми за ГСТЦ. Постојат два сета: Критериуми за дестинација на носители на јавната политика и дестинациски менаџери и критериуми за индустрија за хотели и тур-оператори. Ова се водечки принципи и минимални барања кон кои треба да се стреми кој било туристички бизнис или дестинација со цел да ги заштитат и одржат природните и културните ресурси, а во исто време да се стимулира туризмот да ги задоволи своите потенцијали како алатка за зачувување и намалување на сиромаштијата. Денешниот совесен турист ги препознава, и претпочита да патува без да ја повредува околината , наследството и населението во една дестинација.
Критериумите на ГСТЦ ја формираат основата за улогата на ГСТЦ како глобално тело за акредитација на програми за сертификација коишто ги потврдуваат хотелите / сместувачките капацитети, тур-операторите и дестинациите кои имаат активни одржливи политики и практики. ГСТЦ не сертифицира производи или услуги директно, туку ги сертифицира ревизорите (аудитори) кои ќе го сертифицираат Вашиот бизнис или дестинација.

ГСТЦ е независна и неутрална организација, законски регистрирана во САД како непрофитна организација која е препознатлива по своето разновидно и глобално членство, вклучувајќи агенции на ОН, невладини организации, национални и регионални влади, водечки туристички компании, хотели, тур-оператори, поединци и заедници – сите кои се стремат да постигнат најдобри практики во одржливиот туризам.

Членството е отворено за сите заинтересирани страни и за првата година е потпомогнато од Министерство за економија на Република Македонија. Целата мисија е во имплементација на Општина Охрид, Швајцарската програма за промоција на извозот СИППО и Програмата за зголемување на пазарната вработливост–ИМЕ на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Во рамките на ИМЕ Програмата, работните групи за управување со дестинации ќе бидат поканети да се запознаат со стандардите за одржлив туризам. ИМЕ Програмата ќе помогне да се направи првична проценка на дестинацијата – Охрид, каде директно ќе добиеме препораки за наредните чекори за аплицирање кон некоја марка за еколошка, економска или социјална одржливост на Охрид. Бизнисите ќе имаат директен бенефит од мерките за одржливост, а дестинацијата ќе инвестира во одржлив развој.

Со поддршка на двете програми, ИМЕ и СИППО, во периодот 16-17 мај 2018 ќе се одржи дводневна обука за одржлив туризам, наменета за претставниците на јавните институции и организации, приватниот сектор и други организации вклучени во процесот на управување со туристички дестинации во Македонија. Станува збор за официјална тренинг програма на ГСТЦ која нуди информации за глобалните трендови во одржливиот туризам, практични примери за бизнисите и дестинациите, како и корисни совети и чекори за унапредување на нивните одржливи практики.

OhridNews