Пречистителни станици за секој капацитет поединечно или изградба на колекторски систем, се предлага во Извештајот за стратешка оцена на влијанието на туристичката развојна зона Љубаништа 1 врз животанта средина, кој попладнево беше презентиран на јавна расправа во Охрид.

-Иако не влегува во планскиот опфат на туристичката зона Љубаништа 1, со студијата е опфатена и реката Черава која претставува сериозен еколошки проблем и се предвидува третман на нејзините води.-истакна Љупчо Аврамоски, стручен консултант во изработката на Извештајот за стратешка оцена на влијанието на туристичката развојна зона Љубаништа 1 врз животанта средина.

Тој посочи дека анализата на теренот покажала големо загадување на почвата со пестициди кои се употребуваат при обработка на земјоделските површини. Инаку туристичката развојна зона Љубаништа 1 опфаќа површина од 28,6 хектари, во најголем дел земјоделско земјиште, околу три хектари е шума – евла, а дел е имот на МПЦ. Просторот на кој се предвидува изградба на туристчки комплекс спаѓа во националниот парк Галичица во зона за одржливо користење, каде е дозволено градење. Но, како што беше истакнато на јавната презентација, потенцијалниот инвеститор ќе треба да внимава при изградбата затоа што се работи за трустно подрачје со сеизмичка активност.

Предвидено е просторот да биде истражен и археолошки, а сите забелешки, предлози и сугестии кои ќе произлезат во следните фази од постапката, ќе бидат земени предвид при изработката на планот за изградба на туристичко развојната зона во Љубаништа.

На презентацијата присуствуваа стручни лица од научни институции, екологисти и заинтересирани граѓани од земјава, како и претставникот на Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро од Албанија Аријан Мероли. Тој посочи дека Македонија и Албанија имаат ратификувано заедничка иницијатива за прогласување на регионот Охрид – Преспа за биосферен резерват под заштита на УНЕСКО изразувајќи надеж дека македонската страна ќе го испочитува договорот кој е во насока на заштита на животната средина и одржлив развој на регионот.

Согласно ЕСПО конвенцијата чиј потписник е Македонија, при изградба на туристичко развојната зона во Љубаништа, потребно е да се извршат анализи и стручни консултации за трансграничното влијание на проектот врз животната средина, односно во случајов треба да се земат предвид забелешките и на Република Албанија.

OhridNews