Наша примарна цел не е да казнуваме или да креираме пречки за вклучување на нови возачи во сообраќајот, туку да придонесеме за нивна поголема подготвеност кога со возилата ќе излезат на улиците, што во крајна инстанца резултира со поголема лична безбедност, но и поголема безбедност на останатите учесници во сообраќајот“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната презентација на новата апликација со симулаторот на тестот за електронско полагање за возачка дозвола наменета за т.н. паметни телефони.

Јанкулоска посочи дека новиот модел на електронско полагање на теоретскиот дел од возачкиот испит, кој стартуваше со практична примена на почетокот на ноември, ќе го подигне нивото на знаење на идните учесници во сообраќајот, а со самото тоа и нивото на безбедност.

Заклучно 22- ри јануари, од воведувањето на овој метод на полагање на теоретскиот дел на возачкиот испит, во осумте испитни центри во земјава процентот на положени кандидати се движи околу 48 отсто положени кадидати од досега пријавените. Во споредба со истиот период од 2011/2012 кога се полагаше со стариот систем на тестови за теоретскиот испит, процентот е многу помал, што од МВР го коментираат со зголемената ригорозност, но и потреба од реално знаење на идните возачи.

Според Јанкулоска, освен зголемениот број на прашања и елиминирањето на можностите за учење на комбинациите напамет, веројатно удел во ваквите резултати има и засилениот надзор над работата на испитните центри кој го вршат службени лица од МВР со персонални компјутери, задолжени да обезбедат непреченото одвивање на електронските испити, да ги прегледуваат видео записите од одвивањето на тестовите за секој кандидат поединечно. Со тоа е овозможено надзорната функција над работата на испитните центри да се одвива и од далечина и во реално време.

Од МВР најавуваат дека ќе се зголемува фундусот и бројот на испитни комбинаиции за уште 400 нови прашања во сите категории.