Деновиве во големата сала при општина Охрид, се оддржа презентација и јавна расправа по Извештајот за стратегиска оцена на животна средина за проектот кој предвидува изградба на експресен пат А3, Косел – Охрид – граница со Р. Албанија, делница Охрид-Пештани.
Целта на овој проект е подобрување на патната инфраструктурa, поврзување на регионот со Албанија, подобар проток на возила, безбеден сообраќај, побрз превоз и транспорт на луѓе и стоки, односно функционирање на охридскиот регион во една комплетна целина.
„Моментално сме во фаза на проект, односно се подготвува целокупната документација. Меѓувреме, владата разгледува различни финансиски извори за средства кои што би можеле да се обезбедат за финансирање на овој проект. Неблагодарно е во оваа ситуација да се напомене периодот на градба, од причина што се уште сме во фаза на проект која трае прилично долго. Особено мораме да обрнеме внимание на животната средина и аспектот од локалното население, бидејќи оваа делница поминува низ доста населени места.“ – вели Сашка Богданова Ајцева од Јавното претпријатие за државни патишта.
Како што таа објаснува, делницата која треба да го растерети сообраќајот од постоечкиот пат кој води од Охрид кон „Св. Наум“, се ориентира во правец на веќе изградената траса Рача-населба Исток-хотел Метропол, а се провлекува источно од населбата Рача, помеѓу Шипокно и Св. Стефан, над селото Долно Коњско, меѓу Елешец и Елшани, односно над Пештани.
„Трасата се ориентира во правец да се вклучи на веќе изградената траса Рача-населба Исток-хотел Метропол. Патот е лоциран источно од наслебата Рача. После се провлекува меѓу населбите Шипокно и Св. Стефан, каде што се формира јазол и врска со постојниот пат. Од овој јазел, трасата се движи над населбата Долно Коњско до раскрсница Метропол, каде се поврзува со хотелските комплекси, Лагадин, Горно Коњско и врска со постојниот пат. Потоа трасата поминува западно, под карпест масив. Таа се спушта најпериферно западно од езерото и максимално се доближува до далеководот колку што е дозволено. Оттука продолжува меѓу населбите Елешец и Елшани, каде имаме патна врска – натпатник. Пештани е заобиколено од источната страна, каде имаме јазол кој се поврзува со населеното место, автокампот Градиште и магистралниот пат. После овој јазол, трасата продолжува во слободен терен, односно на новата траса за Љубаништа и Св. Наум.“ – додава Богданова Ајцева.
Инаку, на јавната расправа присустуваа претставници од Одделението за заштита на животната средина при општина Охрид, месното население од Елшани, како и членови на Еколошкото друштво „Грашница“.
OhridNews