Војните и крвопролевањата низ поранешните братски републики на некогашната федеративна Југославија, оставија бројни приказни, некои малку познати на јавноста, кои сведочат за моралот и неморалот на човекот. После 22 години, низ хрватските медиуми е објавена трогателната сторија за Хрватката Вијолета Антолич, која од сигурна смрт заедно со уште 70-тина воени заробеници од Вуковар, ја спасил охриѓанецот Љупчо Атанасов.

Неговата приказна започнува во 1985 година со запишување во Воената школа за пешадија во Сараево, па низ Белград во најелитната единица на ЈНА – Гардиската моторизирана бригада, распоредување во единицата за воена полиција, протестите во 91-ва во главниот град на тогашната федерација, одложениот хеликоптерски десант над Винковци во Славонија, па директно на фронтот во Вуковар.

Уште во 1990 можеше да се види дека нешто не е во ред во таа држава и веќе крајот на таа година како дел од единицата на ЈНА, започнавме со некои подготовки за извршување задачи во воено време. Месец март, 1991 во Белград беа оние познати случувања со Вук Драшковиќ, кога војската излезе на улиците во градот. Следеа повеќе задачи како извршување на државен удар и воспоставување на воена управа на територијата на СФРЈ, но тоа беше одложено. На 15-ти мај истата година добивме тревога и беше забрането секакво одалечување на единицата и напуштање на касарните. Се уште не бевме свесни дека може да дојде до некои нереди, но во воздухот се осеќаше дека се ближи тоа. До крајот на септември, поточно на 27-ми, добивме задача со нашата единица да извршиме хеликоптерски десант во околината на Винковци со цел да се навлезе во длабочина во тогашните услови на неформалната единица за одбрана на Хрватска. Акцијата се одложи, но веќе следниот ден добивме конкретни наредби да извршиме напад на Вуковар, град кој се наоѓа на границата помеѓу Хрватска и Србија, на брегот на реката Дунав.“ – ја започнува приказната охриѓанецот Љупчо Атанасов.

Гардиската бригада на Атанасов и резервниот состав во Вуковар

Како што објаснува Атанасов, на 1-ви октомври 1991 година неговата единица, комплетната гардиска бригада и резервниот состав, тргнува за Вуковар.

Утрото стигнавме во околината на Вуковар и бев распореден во едно село на 12 километри од градот, каде имав задача да извршувам обезбедување на тоа место, во кое беше сместено помошното командно место на бригадата. Останавме три дена, но беше напорно за единицата, која изврши директен напад и која претрпи големи загуби. Четвртиот ден со водот моравме да влезиме во Вуковар. Тоа беше 3-ти октомври, кога не бев свесен дека се наоѓаме на местото викано Сајмиште. Имавме одреден правец и улица за претресување.По два дена добивме наредба за префрлување на плоштад Матија Губец, место каде се наоѓаа маркантни објекти на двете завојувани страни. На тие позции останав до падот на Вуковар. Имаше ужасни ситуации, директни борби, а на два наврати мислев дека е дојден крајот. Среќен сум што успеав да се одржам во живот и што никој од моите војници не оставив на фронтот.“ – вели Атанасов.

Српските паравоени формации масакрирале низ Вуковар?

Како што вели нашиот соговорник, на 18-ти ноември 1991 доаѓа падот на Вуковар, а веќе следниот ден Атанасов со својата единица е упатен во областа Митница, каде се наоѓале најаките единици на хрватската одбрана.

Мислев дека е направена херојска работа, но подоцна увидов дека тоа нема врска. Од сегашна гледна точка, без да знаеме сме биле на страната на една окупаторска сила. Во Митница извршиме претрес и преноќивме, а потоа добив наредба да одам во месноста викана Велепромет. Имаше многу ѕидани објекти и хангари, а наша задача беше да воспоставиме ред и мир, бидејќи имаше голема концетрација на цивилно население. Тие нелегални единици кои беа на страната на ЈНА, убиваа и колеа обични луѓе, а моја задача беше да ги остранам истите. Во Велепромет затекнав хаотична ситуација, но успеав да ја средам таа работа. Од командантот бев запознаен дека во една просторија викана Столарија, има воени заробеници кои се означени како екстремисти.“ – вели нашиот соговорник.

Првата средба со Вијолета Загрецки (Антолич) во „Столарија“

При средбата со воените заробеници во просторијата викана „Столарија“, за прв пат Атанасов ја среќава 22-годишната Хрватка Вијолета Антолич, во тоа време Загрецки.

Кога влегов внатре видов дека се работи за обични луѓе кои сакаат слобода и го чуваат она што е нивно. Меѓу нив имаше и неколку жени на различна возраст, но претежно млади особи. Една личност која ми остави впечаток беше 22-годишната Вијолета Загрецки која беше затворена во просториите. Нејзиниот 4-годишен син беше надвор, а таа како и секоја мајка, бараше да го види своето чедо. Иако бев предупреден од претпоставените, на моите војници им наредив да ја изнесат надвор за да може да го види синчето. Потоа ја вратив назад во столаријата, каде остана уште три дена. Секојдневно бев изложен на притисоци од паравоените српски сили, чија цел беше убивање и малтретирање. Тие исти луѓе чекаа момент кога бев на состаноци, да одведат некој од заробениците. Во два наврати од тие простории беа убиени и однесени 20-тина луѓе.“ – потенцира Атанасов.

Атанасов спасува 70-тина заробеници од сигурна смрт

Охриѓанецот Атанасов, далеку од очите на српските паравоени формации, на своја одговорност ги одведува воените заробеници од „Столарија“ во касарната.

Не можев да го издржам притисокот. По таа дожлива ноќ, на моја одговорност, одлучив со војниците до единицата во еден автобус да ги сместам сите од столаријата, бидејќи истата вечер се припремаше напад на српските паравоени формации врз 70-тината луѓе. По моите размислувања, бев сигурен дека ако ги однесам во касарната, ќе бидат безбедни, што на крајот се покажа како точна одлука. Во касарната им обезбедив место за спиење, јадење и оние минимални услови кои мора да се обезбедат по сите конвенции. Останав уште еден ден, а потоа со единицата се вратив во Белград без никави информации што точно се случи со тие луѓе.“ – истакнува охриѓанецот Атанасов.

Преку социјалните мрежи  – контакт со Антолич

Во 2009 година на социјалните мрежи добив порака од човек од Хрватска, со кој завршивме школа, вели Атанасов.

Цели 20 години не се имавме видено и слушнато. Мојата прва реакција беше, што точно се случи со Вијолета и заробениците. После два дена добив порака од пријателот дека таа е жива и здрава и живее во Загреб. Ги добив потребните информации и конечно после 22 години преку скајп се видов со неа. Реакциите беа со многу емоции, солзи, тресење, нешто што не може да се опише. Вијолета била свесна и знаела дека сите 70-тина луѓе од „Столарија“ останале живи поради Македонец, без да знае име и презиме. Ме препозна нејзината мајка, која исто така била меѓу тие заробеници. Од касарната биле префрлени во логор во Белград, а по месец дена била извршена размена на заробеници. Цели шест месеци бевме во постојан контакт со Вијолета, а во 2012 година на нејзина покана заедно отидовме во Вуковар.“ – вели Атанасов.

Четниците и партизаните војувале заедно?!

Според Атанасов, сето она што се пропагирало од 1945 година во рамките на тогашната СФРЈ, паднало во вода во 1991.

Никогаш во историјата партизаните и четниците не војувале заедно, но во 1991 тоа се случи. Најголем проблем беше што наместо ЈНА да надвладее, тие надвладеаа над нив. Како Македонец, првенствено ми беше на ум да останам жив, за да можам да го кажам ова. Со самото пристинување во Вуковар, ни дадоа лепенки за шлемовите за да ја покриеме петокраката. Но ја оставив да се гледа, за да се разпознавам со моите војници. Оној кој ја знае вистината и размислува правилно, нема да каже ништо лошо, а оној кој е обоен од пропаганди сигурно ќе го рече спротивното.“ – завршува Атанасов.

O.T.