Една од преживеаните во бродската несреќа на бродот Илинден, Нонка Станкова, за бугарското Национално радио изјавила дека преживеаните се разочарани од ниските казни.

“Виновниците се утврдени, а толку долго се одолжуваа работите. На следната инстанца што да очекуваме, можеби ослободувања”, вели Нонка Станкова.

Таа раскажува дека во селото Антон секој го носи ужасот од несреќата.

„Се обидувате да заборавите, но неуспешно. Луѓето се повредени за цел живот. Не може едно момче на 23 години да е капетан иако е израснат до езерото. И другиот виновник е компанијата која дала дозвола бродот да патува“, вели Станкова.

Според Владимир Владимиров, адвокат на роднините на загинатите во Охридското Езеро, пресудата донесена во судот во Битола е скандалозна и неправедна, бидејќи висината на казната не одговара на степенот на вината.

„ Бројот на пресудените години не одговара на злосторството. Тоа е еден од најголемите трагични случаи поврзани со превоз во Европа“, заклучи адвокат Владимир Владимиров.

Претходно, Апелациониот суд во Битола ги потврди казните за Сотир Филевски и Бранко Баиќ во случајот за потонувањето на бродот „Илинден“ во Охридското езеро на 5-ти септември 2009 година, кога загинаа 15 бугарски туристи.

На 5 јули минатата година Основниот суд во Охрид ги прогласи за виновни двајцата обвинети. Капетанот на бродот Филевски и хрватскиот државјанин Баиќ, кој дал сертификат за состојбата на бродот, беа осудени на по една година затвор.Поради непочитување на Законот за превозот беше осуден и Баиќ.

Можноста, која останува пред страните во кривичното дело е да поднесат жалба пред Врховниот суд во Скопје.

„Пред еден месец се очекуваше семејствата на удавените 15 Бугари да добијат по 4.500 евра од осигурување, кои се уште не се исплатени“, раскажуваат блиски на загинатите, пренесува Бгнес.

Се бара можност надомест да плати и фирмата „Лојд” која дала сертификат за бродот. Истрагата, која Бугарија ја води за случајот, исто така продолжува.

OhridNews
извор: Makfaks