Причина за падот при слетувањето на аеродромот во Сан Франциско на авионот од типот „Боеинг 777″ на јужнокорејската воздухопловна компанија „Асиана Аирлинес” при што загинаа двајца патници а 181 се хоспитализирани, не била механичка грешка, соопшти денеска генералниот директор на компанија кој, меѓутоа, не сакал да шпекулира дали одговорноста паѓа на пилотите, пренесува „Макфакс“.

„Според она што го знаеме засега е дена немало механички недостаток или проблеми со моторите”, изјави директорот Хун Јунг-Ду и додал дека трите пилота имале зад себе околу 10 илјади часови летање.

Претставници на американските аеродромски власти во Сан Франциско потврдиле дека системот за навигација познат како Глиде Патх кој на пилотите им помага сигурно да слетаат бил исклучен, но дека тоа не е ништо невообичаено кога се убави временските услов. Тој систем, како што објаснуваат експертите, им помага на пилотите при слетувањето во лоши временски прилики, а во Сан Франциско времето било јасно и сончево, со благ ветрец.

Во несреќата загинаа две лица, 182 се повредени од кои 49 тешко, откако авионот се урна при слетувањето на меѓународниот аеродром во Сан Франциско и потоа се запали. Во неделата беа објавени имињата на сите патници на летот 214 „Боеинг 777″ од Сеул на кој имало 291 патник и 16 членови на екипажот.

Двете загинати лица се кинески тинејџерки коишто седеле во опашот на авионот.

До несреќата дошло додека авионот слетувал на пистата којашто започнува на работ од заливот Сан Франциско. Телевизиските снимки покажуваат делови од воздухопловот на почетокот од пистата до самиот брег.

Еден од патниците изјави дека му се чинело оти авионот доаѓа премногу ниско над водата, како и дека пилотот се обидел да добие на височина непосредно пред авионот да удри во пистата.

OhridNews
извор:„Макфакс“