За несреќата обвинети се Цвете Вранишкоски, Климе Миладиноски и Гоце Јанески, сите тројца поврзани со работењето на спорниот шанк, кои се товарат за предизвикување тешки дела против општата сигурност на луѓето.
Во исказот пред судот, Попоски истакна дека тој и неговите партнери во 2009 година со пливачкиот клуб „Пливалиште“ склучиле договор за закуп на просторот на плажата „Галеб“. Со него требало да го добијат и местото на кое се наоѓа шанкот на кој се случи немилиот настан, но истиот не им бил предаден во владение од страна на лицата кои стопанисувале со него поради што сведокот кажа дека добивал закани и бил физички нападнат.
Сведокот истакна дека кафе барот „Пливалиште“ и летната тераса се снабдувале со електрична енергија од главниот орман на пливачкиот клуб и имале посебно броило, а како спорниот шанк се снабдувал со струја, тој рече дека не му е познато, но истакна дека постоел подземен електричен кабел уште од 1990 година поврзан со главниот орман на пливалиштето. Попоски тврдеше дека тој лично немал договор за издавање во подзакуп на спорниот шанк и дека не зел никакви пари за надомест, ниту за потрошена вода и електрична енергија која се евидентирала на нивниот објект, а на прашањето на судот дали некој од другите сопственици на кафе барот „Пливалиште“ наплаќал кирија и трошоци, тој одговори дека не му е познато.
Одбраната на обвинетиот Гоце Јанески побара соочување со сведокот, при што тој го повтори претходно дадениот исказ.
Јавниот обвинител предложи на следното рочиште како сведок да се сослуша лицето кое ја извело електричната инсталација на спорниот шанк. Одбраната на обвинетиот Цвете Вранишкоски побара сослушување на повеќе други сведоци, меѓу кои и другите сопственици на кафе барот „Пливалиште“, на лицето кое го направило вештачењето, на претставник од ЕВН, како и да се изврши реконструкција на случајот.
-Сметаме дека тоа е неопходно за да се утврди фактичката состојба и да се дообјаснат некои работи околу изведувањето на електричната инсталација, рече адвокатот Воислав Димоски.
Бранителот на обвинетиот Гоце Јанески, Димитрија Цобоски, побара да биде извршен нов увид на местото на несреќата, да се презентираат договорите за закуп на просторот и да се прибават решенијата на Пазарната инспекција во врска со минимално техничките услови за работа на објектите во комплексот Пливалиште.
– Сметам дека е потрбно да се изложат сите предложени докази за да се дојде до правата вистина. Увидот е потребен судот да добие впечаток за местото на настанот и како било вршење напојувањето со електрична енергија и евентуалните пропусти, изјави адвокатот Цобоски.
И на денешното рочиште обвинетиот Климе Миладиноски истакна дека не бил сопственик на спорниот шанк и дека не бил поврзан со работењето на објектот каде се случи трагедијата.
Судскиот процес за несреќата на плажата Галеб ќе продолжи на 8-ми март.