По иницијатива на Левица во Советот на Општина Охрид, започната е постапка за воведување субвенции за самохраните родители за престој на нивните деца во детската градинка „Јасна Ристеска“. Иницијативата е прифатена од општинските служби и се очекува да биде разгледана при првиот ребаланс на буџетот, информираат од Левица ЛО Охрид.

Имено, на последната седница на Советот на општина Охрид, на дневен ред се најде предлог-одлука за зголемување на надоместокот за престој на деца, кој паѓа на товар на родителите (од 1490 на 2000 денари).

За ова реагираше советничката од Левица, Виолета Аврамоска која истакна дека ваквата одлука доаѓа во период на сериозен притисок врз семејните буџети.

Во изминатиот период граѓаните се соочуваат со низа поскапувања: зголемување на цената на водата и гробарината, повисоки комунални услуги, секојдневни ценовни шокови во маркетите, како и поскапување на електричната енергија и високите јануарски сметки за струја. Зголемување од 500 денари дополнително ќе го оптовари буџетот на работничките семејства, особено оние кои живеат со минимална плата од околу 24.000 денари, посочи Аврамоска.

Во рамки на дискусијата, Левица постави прашање до директорката на детската градинка дали постојат категории семејства кои се ослободени од плаќање на надоместокот за престој на деца во градинка. Одговорот беше дека во моментов нема ниту една категорија родители кои се ослободени од плаќање.

Советничката од Левица предложи самохраните родители да бидат ослободени од плаќање на надоместокот за престој на децата во градинка.

Оваа иницијатива беше прифатена од страна на општинските служби, но наместо целосно ослободување беше предложен модел на субвенционирање. Секретарот на Општина Охрид ја задолжи директорката на градинката да достави податоци за бројот на деца од еднородителски семејства, со цел при првиот ребаланс на буџетот да се утврди износот на субвенцијата, која ќе се реализира преку јавен повик.

OhridNews