Охриѓани и сите кои го сакаат Охрид, од денес, имаат можност за уште едно пријатно патување низ историјата на градот, преку страниците на првото пишано дело на охридска новинарка Валентина Неловска, книгата „Сага за Охрид“.

Делото содржи 35 наслови кои зборуваат за минатото на Охрид, избрани текстови од големиот број кои Неловска ги напишала, додека истражувала за потребите на емисијата „Печат“ која повеќе од десет години се прикажува на охридската телевизија ТВМ.

Неловска во емисијата „Печат“ секоја недела ги изнесува документарните емисии за животот и работата на населението од 19 и 20 век. Со тоа, спортски речено постигна „полн погодок“. Продолжува и понатаму трагајќи по архивите и воспоставувајќи контакти со многу членови од познати охридски семејства. Охрид има уште многу други кои заслужуваат да влезат во историјата. Секој запис, иако краток, ни дава многу јасен историски приказ за историјата не само на градот, туку и за самите семејства. Историјата е белег на времето, белег создаден од и за луѓето. Книгата е уникатна и мошне содржајна, не воведува во историски приказни, факти и реалности преку многубројните контакти со луѓе кои поседуваат богати историски материјали. Навидум ситни приказни, но историски вистини, вели проф. Д-р Павле Митрески, рецезент на книгата.

Новинарот Милчо Јованоски потенцира дека воопшто не е едноставен процес од толкав број емисии, судбини, настани, да се изберат неколку и тие да се стават на хартија, но додава дека авторот Валентина Неловска тоа мошне успешно го направила.

Кога ќе ја земете книгата во раце најпрво во очи ви паѓаат прекрасните слики создадени од уметникот Славко Упевче кој исто така е хроничар на Охрид. Потоа, 35-те бисерни камчиња во книгата го прават мозаикот за Охрид и пошироко за човечки судбини, настани, ликови и верувам дека ќе ви биде се појасно дека Охрид не живеел само во вековите во минатото, туку и во 18, 19 и 20 век. Се надевам дека и понатаму ќе има наши колеги новинари и помлади кои после нас ќе ја продолжат традицијата да собираат интервјуа, да документираат се што се случува во градот за да се остави нешто зад нас ако некој истражува што се случувало во 20 и 21 век, вели Јованоски.

Според авторот, Валентина Неловска, книгата е само еден мал мозаик од мноштвото писанија за градот кој сите го сакаме.

Од секогаш ми беше желба да напишам книга, едно заокружување на мојата новинарска кариера, односно да оставам нешто зад себе. Зошто се одлучив да ја напишам книгата „Сага за Охрид“?  Бидејќи, Охрид  е центарот на мојата душа. Ова е книгата во која ја преточив мојата голема љубов кон градот во кој сум родена, работам и живеам. На страниците, со голема посветеност потсетувам на многу луѓе, настани од живеењето на градот. Има многу носталгија, ја нареков книга за душата и срцето. Многу го љубам градот и затоа ја напишав. Ќе има две категории на читатели-оние кои ќе се потсетат и ќе се навратат уште еднаш на минатото, и оние кои не се по потекло од Охрид, но го почитуваат и сакаат градот, а нема кој не го сака Охрид, вели Неловска.


авторката со колегите новинари и уметникот Упевче

Книгата „Сага за Охрид“ може да се набави, но и чита во просториите на општинскиот Црвен крст. Дел од средствата од продажбата ќе бидат наменети за хуманитарни цели.

Т.Кувенџиска