Охридското семејство Климоски повеќе од две децении живее во Италија, земја која им ги отвори вратите и е нивни втор дом. Талентот и духот што го носат луѓето од нашите краишта, младите сестри Мила и Марија го демонстрираат на најдобар можен начин. Овие одлични ученички се уште подобри спортистки. Мила со успех се пробива во одбојката – национален спорт во Италија кој е веднаш зад Калчото и Палаканестрото (фудбалот и кошарката), a Марија во фудбалот. Ова лето двете направија голем исчекор во нивните кариери.
Мила Климоска има 16 години, а одбојка тренира од 2019 година. Почетоците ги направи во Реал Волеј, најпрвин како напаѓач, а потоа и како среден блокер. Во 2022 година зема учество на Државното првенство за одбојкарки до 13 години каде со својот тим го освојува 4-то место. Следи турнирот во Офаненго каде го освојува 1-то место и награда за најдобар центар. Со селекцијата на регионот Бреша учествува на националното првенство.
Во сезоната 2024/25, Мила преминува во подмладокот на Волеј Бергамо во У16 тимот кој настапува во Сериа Д. Годинава беше мета на повеќе клубови од Венето, Ломбардија и Пуља, а нејзиниот избор падна на Волеј Буснаго (Volley Busnago) каде ќе игра во У 18 тимот во Б2 шампионатот, под водство на светската одбојкарска првенка Мануела Легери од која може да учи многу.
Марија Климоска има 14 години, но одамна не настапува со својата генерација. Исклучителниот талент и фудбалска вештина кои ги поседува, ја втурнаа во „битка“ со повозрасни фудбалерки со кои извонредно се носи.
Кариерата ја почна на 5-годишна возраст во ФК AГС (AGS) во мешан тим како единствено девојче, со кој го освои првенството на регионот Бреша, а потоа настапи и на регионално и државно првенство во Беларија во 2019. Преминува во Академијата Кастенедоло, мешан тим. Во 2022 оди во редовите на Волунтас Монтикјари, а во сезоната 2024/25 се сели во Бреша и добива повик за регионалната селекција во У15 тимот. Годинава со само 14 години префрлена е во У17 тимот каде ќе работи под водство на Валентина Паладини. Игра на позиција централен бек и во среден ред.
Мила и Марија имаат помлада сестра, Маја, која се уште не го избрала својот спорт, но судејќи по силината на спортската жица во семејството Климоски, нема да биде никакво чудо доколку и таа тргне по патеките на своите сестри кои со многу работа и труд се искачуваат кон спортските височини во Италија. Тие носат македонска крв и кој знае, можеби некоја од нив еден ден видиме во црвено-жолтиот дрес на Македонија.
Нивните родители, пак, Дарко и Катерина, можат само да бидат горди на своите деца кои се доказ дека со посветена работа успехот е неминовен.
Горан Момироски
Фото: Архива на семејството Климоски