„Приказната за Силјан“ на македонската режисерка Тамара Котевска е откупен од  светскиот дистрибутер на документарни остварувања National Geographic Documentary Films. Откупот од National Geographic Documentary Films значи дека „Приказната за Силјан“ станува дел од глобалниот каталог на еден од најреномираните дистрибутери на документарни филмови во светот.

Ова е прв пат во историјата на македонскиот документарен филм да биде откупен од овој светски канал.

Уште како мала, National Geographic ми беше омилена литература. Статиите и приказните од National Geographic ме инспирираа да станам документарист. Од тогаш сонувам да ги доживеам авантурите и предизвиците на фотографите и документаристите кои работат за оваа компанија. Но, мојот филм да биде купен од нив… е навистина најголемата потврда за интегритет за секој режисер на документарни филмови и најголемата награда за жртвата што еден режисер како мене и многу други ги правиме за да оживее приказната. И оваа приказна, приказната за Силјан, е на толку многу начини врвен доказ за издржливост и посветеност на снимањето филмови, и физички и психолошки. Но, на крајот, живееме за моменти како овие, вели режисерката Котевска.

Филмот годинава ја доби „Наградата на Музата“ за најинспиративен филм на Биеналето во Венеција, предизвика овации на преполните проекции во Торонто, а стана и македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.

Н.С.Ј.