Туристите и гостите кои секојдневно ја посетуваат црквата „Света Богородица Перивлепта“, сакам да се чувствуваат како да се дома, сакам да запомнат и да раскажат какво е чувството да се биде дома во туѓа држава и во туѓ град. Вака го започна разговорот со нас, д-р Јана Поповска, која околу 28 години работи како кустос во овој културен, историски и духовен споменик на Охрид, кој според историските податоци е изграден во 1295 година.
Со нејзината непосредност, спонтаност и широка насмевка, оваа скромна жена, буквално има моќ да го приграби вниманието на секој посетител, а нејзините приказни поврзани со црквата, се слушаат со исклучително голем интерес.
-Секогаш максимално се залагам за мојата работа. Било да се домашни, било да се странски туристи, секогаш себеси се ставам во споредна улога. Тоа веќе се всадило во моето срце, јас сакам да ја раскажам приказната за оваа црква на секој еден човек, па дури и на малите дечиња. Сакам да објаснам, макар тоа да биде и најкратката верзија за значењето на овој објект, вели Јана.
Таа раскажува дека работата многу ја исполнува, бидејќи отсекогаш била поврзана со црквите.
–Од кога знам за себе, од 9 години постојано наоѓав утеха по црквите и самата ги посетував. Едноставно уште од дете се поврзав со црквата, а најверојатно од постарите мои генерации го научив тоа. Домашните често ми зборувале за бога, па така јас најголемата смиреност ја добивав во црквата, раскажува нашата соговорничка.
Таа вели дека иако и претходно работела како кустос и како туристички водич, се почувствувала комплетна во работата која што ја работи, откако завршила Теолошки факултет. Посветеноста и љубовта кон работата подоцна ја натерале да магистрира на тема „Етнографија на црквите“ и да докторира на темата „Проблемите на стенописите во Перивлепта, анализа и интерпретација на иконографските модели во црквата Перивлепта“.
-Порано велев дека секој храм е 70 проценти теологија на уметност, а не историја на уметност, но сега велам дека 100 проценти е теологија на уметност. Освен нашата „Перивлепта“, можам да кажам дека сите цркви кои се изградени пред 16 век се еден вид енциклопедија на теолошка интерпретација. Овде во „Перивлепта“ има толку логичен приказ на Библијата, преку една мозаична и континуитетна интерпретација, вели Јана.
Таа потенцира дека еден добар теолог може да ги препознае и иконографските модели, не само во една црква туку во сиот православен свет.
-До 16 век има правила според кои сликар на свети икони и свети цркви можел да биде исклучиво црковниот персонал, бидејќи тие биле најобразовани и тие користеле најспецифични избрани моменти од Библија или светите легенди. Тие користеле такви моменти и специфики кои што преку една сликичка може да дадат неколку различни интерпретации. Значи фрескоживописот не е само декорација или естетика во православната црква, тоа фактички е длабоко поврзување на посетителот со црквата, појаснува Јана.
Според неа црквата „Перивлепта“ ги има запазено најспецифичните прописи на православните цркви кои се изградени пред 16 век.
-До вториот Вселенски собор сите православни цркви во источниот свет морале да содржат неколку простории. Олтар што значи свето место, наменето за свештените лица, централен дел на црквата или наос каде што седеле мажите и нартекс или пронаос, како дел наменет за жените. Баш по тие прописи е и нашата „Перивлепта“, која има дури и егзонартекс, односно трем, објаснува Јана.
Таа раскажува дека токму овие карактеристики ги воодушевуваат посетителите на овој храм.
-Сите кои што ќе дојдат во „Перивлепта“ се фасцинирани, било да се работи за обични посетители, новинари, историчари или уметници. Интересно е тоа што имаме љубители на уметноста од странски земји кои што редовно доаѓаат тука. Никој не останал рамнодушен на убавината на оваа црква, вели Јана, која потенцира дека голем дел од посетителите често пати не прекорувале дека сме неодговорни, бидејќи долго време не сме презеле мерки за конзервација на фрескоживописот во црквата, кој поради влагата има претрпено големо оштетување.
Таа се надева дека конзервацијата на црквата која веќе е започната, ќе му го врати сјајот на овој исклучително значаен и уникатен храм.
Е.М












