Охриѓани од самиот почеток наметнаа високо темпо на игра, младиот состав на Прилеп немаше одговор за охридската одбрана, а нападот беше непогрешлив.
На средината од првиот дел “жолтите“ се вратија во игра откако концетрацијата падна во охридскиот состав. Се промашуваа контри и полуконтри, а тоа гостинските ракометари го казнуваа.
Минутата одмор на тренерот Горан Андоновски добро дојде за ракометарите на Охрид. Следеше ново затегнување на одбраната и местење на нишанските справи во нападот што донесе +4 (15-11) на полувремето.
Нападот на охридските бели на стартот од вториот дел уфрли брзина погоре. Томоски и Мирков погодуваа од секаде, а Трифуноски и Андоновски од контри беа безмилосни.
Одбраната предводена од Поп Стефанија – Тасевски беше непробојна, а кога ќе минеа гостинските ракометари тука беа голманите Пецаков и Китевски што донесе убедлив триумф од 31-23.
Охридската единица Пецаков собра 12 интервенции додека Китевски шест од кои еден седмерец. “Бомбардерите“ Томоски и Мирков постигнаа по седум голови. Трифуноски застана на шест, Андоновски и Митрески на три, Поп Стефанија и Анѓелкоски на два, а еднаш прецизен беше Јованоски.
Во наредната 16-та рунда охридскиот ракометен состав гостува во Богданци кај екипата на Младост.