Едвај по едно, а некаде ниту едно запалено светло, темни влезови, празни паркиралишта. Вака изгледаат дел од станбените згради во Охрид, каде најголем дел од сопствениците на становите не живеат постојано тука.
Една од многуте празни згради во Охрид
Ретките жители и станарите кои почесто доаѓаат на викенд одмор се жалат дека куќните совети не функционираат, зградите не се одржуваат, а заедничките обвски не се подмируваат.
–Се живее никако. Погледнете наоколу, никој не го собира отпадот, се обидов да ги организирам соседите, поставив известување уште минатата година, но никој до денес не ми одговори, нема светло и никој не го плаќа, се гради и доградува кој каде ќе стигне. Јас сум Словенка со македонско државјанство, сум живеела во САД, Германија и Белгија, но беззаконие како тука нема никаде, вели жителка на станбена зграда во Охрид.
Овие проблеми треба се решат со Законот на домување, согласно кој жителите на колективните станбени згради до 31 март имаа рок да формираат Заедница на станари или да назначат управител кој ќе се грижи за зградата.
– Тие викенд станови се голем проблем во Охрид и ние ќе мора примената на овој закон да ја пролонгираме, едноставно ќе мора да ги чекаме лицата во летниот период да дојдат да ги видиме бидејќи немаме точна евиденција. Вршени се купувања, продавања и самите жители кои живеат во згради не знаат кој живее во тие станови, вели Танас Танасоски, раководител на Општинскиот инспекторат.
Согласно законот, одлука за формирање Заедница на станари може да донесе мнозинството станари во колективните згради, додека таму каде што нема доволен број, на барање на било кој станар судот во вонпарнична постапка ќе назначи Управител на зградата, појаснува Танасоски. Тој објаснува дека со таквата одлука треба да се запознаат сите станари кои потоа задолжително ќе треба да ги подмируваат обврските кон Управителот. Во спротивно ќе им биде изречена глоба во висина од 300 евра.