ГРОМ ќе настојува гласот на граѓанинот да биде во прв план и да биде во основата на секое политичко дејствување. Потенцираат дека за тоа неопходни се вредности како што се слободен живот во сегашноста, активни и вклучени граѓани, заедништво, одговорност и отчетност, соживот со сите граѓани од секоја етничка заедница и култура, претприемништво, еднакви можности, личен развој.
Носителот на листата за пратеници од коалицијата ГРОМ, Љупчо Настоски ги посочи четирите предизвици со кои ќе мора да се соочат во најскоро време. Меѓу нив, граѓанинот и неговите индивидуални слободи и права да се ослободат од стегите на партиските интереси, граѓаните на Република Македонија да станат двигатели на растот и развојот на државата, власта да го користи потенцијалот на своите граѓани за остварување на иновативните идеи за зголемување на размената на државата во регионот, Европа и светот, како и Македонија да биде земја во која нејзините граѓани остануваат, наместо да заминуваат.
– Ние имаме визија за Македонија во 21-от век. Ние ја гледаме нашата татковина како земја во која слободата, достоинството и благосостојбата ќе важат за сите граѓани, а не само за една мала група поединци. Држава која обезбедува еднакви шанси, можности, слобода и развој на различните културни идентитети. Држава која е интегрирана во регионалните, европските и глобалните меѓународни односи. Во таква држава со изградени и силни институции, јасни политики и средени внатрешни односи, сите граѓани ќе имаат можност да ја обезбедат својата иднина. ГРОМ ќе се бори за национална економија која ќе креира работни места и можности за европска перспектива, и каде ќе работат граѓаните, а не власта. Приоритет на ГРОМ ќе биде и децентрализација на моќта во политичка, економска и регионална смисла, преку заедничка визија која ја споделуваат најголемиот број граѓани. Проекти ќе се реализираат во соработка со граѓаните, и исклучиво преку активно учество на граѓаните, особено со младата популација и ќе се опфати секоја сфера на општественото живеење, рече Настоски.
Тој додаде дека меѓу стратегиските цели на ГРОМ за периодот 2014-2018 се: БДП по жител на ниво од 43% од европскиот просек или 5000 евра, вкупна надворешна трговска размена на РМ од 15,5 милијарди евра годишно, надворешно-трговски дефицит од 17%, БДП по вработен од 35 000 евра, трговска размена со земјите од југоисточна Европа од 2,7 милијарди евра годишно , бруто-инвестиции од 2,2 милијарди евра годишно, 204.000 високо квалификувани работници во вкупната работна сила, 43,6% стапка на вработеност на младите од 15-29 години.
OhridNews