Ова е една тајна кога грижливо се чува скоро цел век.Охридскиот Бисер во светот е многу ценет бидекји има природно потекло и е рачно изработен. Фамилијата Талеви се смета за најстарата фамилија во Охрид која 80 години ја негува традицијата за рачна изработка на бисер со помош на тајната емулзија. Овој занает се пренесува од колено на колено само од татко на син. Природните бисери траат 150 години, но охридскиот бисер трае вечно, вели Климент Талев.
 
Во Европа и пошироко градот Охрид е познат по многу убавини и белези. Еден впечатлив и многу уникатен белег е Охридскиот Бисер. Талеви е најпознатото семејство кое се занимава со изработка на овој уникатен накит. Изработката на Охридскиот Бисер е со долга традиција која започнала некаде во далечната 1924 година. Овој строго фамилијарен бизнис, традиционално се пренесува од татко на син. Климент Талев формулата за изработка на емулзијат,а со која се премачкуваат седефастите зрна, ја добил од својот покоен татко на 20 декември 1964 година, 7 дена пред неговата смрт.

“Од почеток до денес процесот на изработка на едно зрно бисер е ист. Се работи исклучиво рачно. Емулзијата на седефастото зрно, закачено на чепкалка за заби, се нанесува со четче изработено од опашка од коњ или влакна од верверица. Значи, покрај тоа што се е од природно потекло и четчето мора да биде составено од природни материјали.“ – вели Климент Талев.

Времето кое е потребно за изработка на една бисерна низа, зависи од дијаметарот на зрното, како и од должината на самата низа. Колку е помало зрното, толку повеќе е потребно време за изработка и обратно, колку е поголемо зрното потребно е пократко време за изработка. Покрај сертификатот за квалитет при секој купен Охридски Бисер од фамилија Талеви се добива и упатство за одржување, каде во неколку точки е наведено што не смее да се прави при носењето на бисерот.

“Најважно од се, во никој случај да не се нанесува парфем дирекно на бисерната низа, бидејќи парфемот го уништува премазот на истата.” – додаде Талев.

Овој уникатен накит е продаван во нашата земја и широко низ Балканот. Во Охрид продавницата се наоѓа во строгиот центар на градот. Исто така Охридскиот Бисер се продава преку трговските компании во земјава.

Го презентираме и продаваме на разни саемски манифестации во Албанија, Хрватска, Србија и други земји.“ –  вели Климент Талев. На прашањето кои познати личности го носат Охридскиот бисер можеше премногу да се набројува. Но, како најважни Климент Талев ги издвои: кралицата Елизабета II од Англија, сопругата на господинот Колин Пауел, екс министерката за надворешни работи на Бугарија, премиерката на Република Хрватска, како и сопругите на голем дел од нашите политички претставници и турски дипломати.

И бројот на дадени интервјуа е голем. Климент Талев давал интервју во Македонската талевизија, Телма, Сител, Канал 5, Српската Национална телевизија и други. Талев се појавува и во емисијата “48 часа свадба”.

“Впечатливо беше моето интервју со новинарката од дамскиот весник од Загреб “Глорија” кој навистина придонесе  многу за пополуризација на Охридскиот бисер на пазарот во Хрватска.” – вели Талев. Последното прашање кое му го поставив на г-динот Климент беше поврзано со наградите кои ги добил до сега. На тоа тој ми одговори: “Јас за својата долгогодишна работа, околу изработката и пласманот на Охридскиот бисер, покрај многу благодарници ја добив и престижната златна медалја на светската манифестација во Брисел ЕУРЕКА 2001. Последно од нашето министерство за економија, министерот Бесими пред 2 години ми го додели признанието за најуспешните, за негување и одржување традицијата на Македонскиот бренд  Охридски бисер.”

Сашка Цветкоска