Браќата Ѓорѓи и Димитар Миладинови и уште седуммина  вмешани во мега-скандалот „Изгрев“ остануваат во притвор. За тројцата судии од струшкиот Основен суд, адвокатката од Скопје Анита Бегова  и нотарите Мерсим Положани и Сашо Ѓурќиновски нема мерка притвор, одлучи Основниот суд Скопје1, по 25-часовен распит на осомничените.

Владиците на вонредната седница на Синодот на МПЦ не констатираа вмешаност на црковните претставници во случајот со хотелот „Изгрев“, но се согласија дека  доколку натамошната истрага утврдела инволвираност,  одговорниот ќе ги сносел последиците како и цивилните лица.

Синодот на МПЦ се огради од било каква инволвираност на кој било од архиереите и црковните лица со случајот со продажбата на струшкиот хотел „Изгрев“. Архиереите на вчерашната синодска седница биле усно информирани од архиепископот Стефан за детали од купородажбата на „Изгрев“.  

– Бевме подетално запознаени од страна на Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски околу случувањата со „Изгрев“ и според негови сознанија и според некои информации на Синодот, МПЦ односно тој и членови на Синодот не се вмешани во такви зделки. Доколку има некој неовластено или овластено кој не ни е познат во овој момент, Синодот смета дека како што важи законот и прописот за сите во оваа држава важат и за нас, изјави по седницата митрополитот Тимотеј.

И во Антикорупциската комисија се сомневаат оти криминалот, тежок  6 милиони евра не може да биде направен без вмешаност на Црквата.

„Кога ќе помине имотот од тој државен режим, веќе станува приватен,. Настануваат и натаму трансакции кои не се во дефиницијата за корупција во нашиот закон, но е корупција, и тоа е нешто што треба и натаму да го развиваме. Јавното обвинителство ја има изворната надлежност за гонење на овие случаи“, рече претседателката на Антикорупциска, Мирјана Димовска.

Од Министерството за внатрешни работи не ја исклучуваат можноста, листата на осомничени да биде проширена, доколку постојат докази.

Според обвинението, Ѓорѓи и Димитар Миладинови, заедно со другите осомничени, во периодот од 2002 до 2008 година преку разни малверзации во врска со хотелот „Изгрев“ се стекнале со противправна имотна корист во вредност од околу шест милиони евра. Тие се товарат дека ја оштетиле  германската ЛХБ банка за 5,2 милиони евра и  Тутунска банка за околу еден  милион евра.
Струшкиот хотел „Изгрев“ од неодамна е во сопственост на Македонската православна црква.

А.Р.