На лицата А.С.(36) и Д.Д. (30) од Албанија, одредена им е мерка притвор во траење од 30 дена. Се преземаат интензивни мерки за пронааоѓање на лицата О.М. (58) и И.Б.(49), исто така од Република Албанија.
Како што соопшти СВР Охрид, на 21.01.2010 година, во 02 часот, овие лица со патничко моторно возило марка „Мерцедес“ со Албански национални ознаки, се упатиле кон црквата Св.Никола во селото Октиси. Со употреба на подесен алат и насилно со кршење на цилиндрите од вратите, влегле во црквата, ја пребарарале внатрешноста, одзеле алишта и други поситни предмети. Истиот ден, околу 14 часот, се упатиле кон селото Луково каде најнапред ја разгледале околината на црквата Св.Варвара и пристапните патишта. По направениот план, вечерта околу 19 часот, со истиот алат, насилно влегле во црквата. Додека еден од осомничените останал во возилото, другите тројца, одзеле две икони и неколку други црковни предмети. При излегување, биле забележани од месното население, по што ги фрлиле иконите и почнале да бегаат, двајца со возило а другите двајца низ шумата. Набрзо потоа, пријавените А.С и Д.Д. се пронајдени и приведени во Полициската станица во Струга.
СВР – Охрид соопшти уште дека полицијата презема натамошни мерки за потврда на оперативните сознанија со кои располага и основаните сомненија, според кои истата четиричлена група стои зад грабежите на верските објекти извршени на крајот на минатата година во повеќе струшки села, од каде беа украдени повеќе од 60 вредни икони и други верски предмети, како и помала сума пари.