Апелациониот суд објави дека по одржаните седници на 17.7.2017 година донесе одлуки во предметите познати во јавноста како „ТАРГЕТ“ и „ТВРДИНА“, јавува „Макфакс“.

За тројца обвинети, меѓу кои Горан Грујовски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски, ја уважи жалбата на СЈО, ги преиначи првостепените решенија и ги уважи жалбите на Обвинителството, а заради обезбедување присуство на обвинетите во кривичната постапка определи мерка притвор, додека за останатите обвинети се потврдија првостепените решенија, со тоа што жалбите на обвинетите, како и на Обвинителството, се одбиени како неосновани.

Сашо Мијалков, првообвинет во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, истраги кои по обвинителниот акт се споија во едно обвинение, останува само без својот пасош. За него СЈО бараше притвор, но притвор добија само вработените во МВР кои се обвинети за негови соработници.

Грујовски е првообвинет за учество во незаконското прислушкување и за уништувањето на опремата, односно за случаите „Таргет“ и „Тврдина“. Конкретно, тој е обвинет за злосторничко здружување, за злоупотреба на службената положба и за фалсификување на службена патна исправа. Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, во расправата соопшти дека при претресот кај Горан Грујовски е најден нотес со евиденција кој сведок во колку часот влегува во СЈО, од кои обвинители се испрашува и слично. Во одземениот компјутер имало упатство насловено „СЈО“ за тоа како да се однесуваат лицата кои даваат исказ во Специјалното обвинителство . Најдени се и службени белешки, а форензички биле вештачени компјутери на Управата за безбедност и конраразузнување. Таа нагласи исто така дека Грујовски не се појавува на рочиштата во судот и во СЈО бидејќи тврди дека боледува од депресија и анксиозност, што за СЈО не е аргумент кој го ослободува од оваа обврска. Во нотесот, според СЈО, има информации за следење на обвинителите на СЈО, при што Грујовски пет дена до една недела внесувал вакви податоци, сè додека не е поднесено обвинението. 

OhridNews