Туритички водичи со недоволни познавања ги водат туристите, погрешно интерпретирајќи ги историските факти, со што нанесуваат голема штета како на професијата и туризмот, така и на државата, предупредуваат лиценцираните водичи кои професионално се занимаваат со оваа дејност. Според нив еден од главните проблеми за тоа е неадекватниот систем на едукација кој се се заснова само на теорија.

– За да се здобиеш со лиценца не е потребно многу предзнаење. Самиот курс се состои од 7 испити, меѓутоа тоа може секој со завршено средно образование да го земе и потоа станува туристички водич, а не е доволно обучен за да може да ја претстави убавината, историјата и културното наследство на Република Македонија. – вели лиценцираниот туристички водич Елена Лотеска Наумовска.

Улогата на туристичкиот водич е исклучително значајна и оттаму неопходно е да се подигнат критериумите за добивање лиценца за вршење на оваа дејност, сметаат  туристичките работници, според кои во последните 10-на години во Македонија се создава суфицит на туристички водичи за сметка на квалитетот.

– Водичката служба е специфична и секаде во светот луѓето кои се занимаваат со оваа дејност се професори на факултети, восокообразовани кадри, за жал тоа во Македонија не е така и на терен ни се случува тоа што ни се случува, Самоиловите тврдини да бидат презентирани како своина на друг народ и низа други аномалии кои ни се случуваат во последните 10 години.-изјави Верица Хајба, советник со градското Собрание и сопственик на туристичката агенција „Хајба турс“.

Од Факултетот за туризам и угостителство каде се полагаат стручните испити за стекнување со лиценца за туристички водич, исто така сметаат дека е потребно да се промени начинот на едукација на туристичките водичи, да се воведе поголема пракса, но и контрола, за што, како што посочуваат оттаму, потребно е да се извршат измени во законските одредби.

– Ние сметаме дека за туристички водич стартното образование треба да биде повисоко, со висока школа или со факултет. Исто така одредено е лиценцата за туристички водич да се добива со завршен курс,  но колку може преку курс да обучите еден туристички водич, а кога ќе го обучите, како тој ќе се однесува во пракса е прашање.-вели деканот на ФТУ-Охрид, проф. д-р Сашо Коруноски.

Покрај аномалиите во едукативниот процес, сериозен проблем претставува нелојалната конкуренција и слабата контрола во работата на туристичките водичи, поради што и натаму се случува туристички групи да бидат водени од странски водичи или лица со несоодветна професија. За да се спречи ваквата појава и да се воспостави ред, според лиценцираните водичи неопходно е да се формира туристичка полиција и да се преземат итни мерки за подобрување на квалитетот на услугите на туристичките водичи во целата држава.

Горан Момироски