Екипите на Противпожарната единица, Македонски шуми и подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување од рано утринава повторно се на терен на локацијата каде вчера избувна големиот пожар кој зафати дел од шумата помеѓу селата Куратица и Опеница.
– Има одредени места каде сеуште може да се забележи чад, но состојбата е под контрола и се прават сите напори, поради топлото време и ветрот, да не дојде до повторно разгорување на пожарот. Засега нема опасност за тоа, но наша обврска е и во текот на денот да ја следиме состојбата, вели Јовче Цветкоски од ЈП Македонски шуми.
Според првичните проценки пожарот зафатил околу 300 хектари шума, но во текот на наредните денови следуваат и детални анализи колкава е реалната предизвикана штета.
Неофицијално, лицето за кое постои сомневање дека на четири места го подметнало пожарот уште вчера е повикано на информативен разговор во СВР- Охрид. Според првичните информации станува збор за малолетно лице кое е со ментална попреченост во развојот.
– Нашите екипи кога пристигнаа на местото каде избува пожарот приметиле лице за кое се посомневале дека тој ги предизвикува пожарите. Тоа веднаш беше пријавено во СВР- Охрид, изјави командирот на територијалната противпожарна единица во Охрид, Спасе Прентоски.