Привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“ попладнево е вметната во најавата за средбата на шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски со Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-Мун, јавува „Макфакс“.

Утрово, во најавата за средбата објавена на службената страна на Обединетите Нации, Милошоски беше претставен како министер за надворешни работи на Македонија, без никаква друга референца во името на државата.

Предвидено е Милошоски и Ки Мун да се сретнат во Њујорк во 12:15 часот (18:15 часот по македонско време).

Според најава од Министерството за надворешни работи, се очекува на средбата да стане збор за македонско-грчкиот спор за името, тужбата пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, како и за македонската кандидатура за членство во Советот за човекови права за периодот 2013-2016 година.

OhridNews
извор: „Макфакс“