На 20-ти август со театарската претстава „Илијада“од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци, а во копродукција на Словенечки Народен театар-СНГ Драма Љубљана, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија, ќе биде спуштена завесата на 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Фестивалот на 12-ти јули беше отворен со настапот на оперската дива Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и диригентот Николае Молдовеану.

Меѓу настаните кои привлекоа особено внимание се вбројуваат Традиционалните Вечери на полска и француска музика, настапот на Кралскиот секстет „Д Квин Сикс“,  триото руски уметници, Лугански-Књазев –Крилов, изведбата на Ораториумот „Радомировиот псалтир“ од Димитрие Бужаровски, како и концертот на АМИРА триото.

Во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржаа Кубанската вечер која го донесе сензуалното танго-фламенго, концертот на групата „Синтезис“, како и театарската претстава „Тоби“наменета за најмладата фестивалска публика.

Фестивалот „Охридско лето“на 4-ти август го одбележа и својот 58-ми роденден. Од менаџментот на оваа музичко-сценска манифестација најавија дека веднаш по завршувањето на годинешното, ќе започнат подготовките на следното фестивалско издание.

OhridNews