– Деновиве продолжува втората фаза од интервјуата со селектираните кандидати, а за дел од позициите кои беа предмет на првиот јавен повик комплетно се завршени сите постапки како што е разгледување на поднесоци, прва и втора фаза од интервјуа. Во следниот период, ќе се заокружи процесот на избор или именување на дел од раководните позиции кои биле објавени и за кои се аплицирало, изјави портпаролот Александар Ѓорѓиев.
Со владиниот оглас за ангажирање на лица на раководни позиции што заврши на 31- ви мај, беа опфатени и менаџерските позиции во здравствените установи во Охрид- ЈЗУ Здравствен дом, Општа болница, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо и Центарот за јавно здравје-Охрид, како и ЈЗУ Здравствен дом Струга и струшката Општа болница. Огласот се однесуваше и на раководните позиции во КПУ Затвор Охрид, Казнено поправниот дом од отворен вид Струга, како и за НУ Музеј „ д- р Никола Незлобински“ Струга.
Во однос на вториот јавен повик, Ѓорѓиев информира дека најголем интерес за пријавување бил покажан за позициите од областа на здравствениот сектор , како и за позициите директор на Јавното претпријатие за државни патишта и за директор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Голем интерес имало и за раководните позиции во подрачните единици кои беа опфатени со огласот. Меѓу нив, 9 подрачни одделенија на Управата за имотно правни работи, и 9 подрачни единици на Агенцијата за катастар на недвижности. Дел од огласот беа и 18 подрачни директори на подрачни шумски служби на ЈП Македонски шуми и 14 раководни позиции во подрачни единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и 10 раководни подрачни позиции во Управата за водење на матична евиденција, 3 подрачни раководители на Центри за вработување на Агенцијата за вработување, 4 во подрачните единици на Бирото за развој на образованието и други.
Следи разгледување на писмените поднесоци на кандидатите во рамките на вториот повик, а потоа ќе бидат спроведени интервјуа и потесна селекција на кандидатите.