Во Ботун во тек се градежни работи за целосна реконструкција на основното училиште во ова село. Реконструкцијата е дел од регионалниот проект „Енергетско ефикасни објекти во ЈЗПР”, одобрен од страна на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, преку програмите за регионален развој за 2017 година.  
Со завршувањето на реконструкцијата, училиштето ќе добие комплетно нов лик со што учениците во подрачното основно училиште во Ботун, наставата ќе ја следат во целосно реновирана училишна зграда, информираа градоначалникот на Општина Дебрца Игор Трајкоски, кој воедно и е Претседател на Советот за развој на Југозападниот плански регион и раководителот на Центарот за развој на ЈЗПР, Мирјана Лозаноска, кои извршија увид врз градежните активности.

Предвидена е замена на стариот дрвен под со изведба на армирано-бетонска меѓукатна конструкција, а ќе бидат поставени и нови подови од керамички плочки и ламинат. Ќе се изврши замена на надворешната и внатрешната дрвена столарија со нова изработена од ПВЦ профили. Со проектот се предвидува изработка на нова фасада, тавани, а ќе биде поставена и нова водоводна, канализациона и електрична инсталација.
Во рамките на реконструираниот објект предвиден е одвоен простор кој ќе биде на располагање за локалното население, со што жителите на село Ботун, ќе добијат простор каде што ќе можат меѓусебно да се дружат, да организираат разни манифестации, средби и состаноци. Тие простории ќе можат да ги користат месната заедница, разни здруженија, младите, спортските друштва, односно сите што ќе имаат потреба за тоа.

Изработката на техничката документација за овој проект е финансирана од страна на Општина Дебрца, а средствата за реализација, во висина од 1.900.000, се обезбедени од Бирото за регионален развој и 888.312 денари сопствено учество на Општина Дебрца. Центарот за развој на југозападниот плански регион, заедно со општините што му припаѓаат на Регионот, во рамките на одобрените проекти за оваа година врши интервенции  во четири училишта, две детски градинки и три административни објекти во сопственост на општините со цел да се подобри енергетската ефикасност на јавните објекти.

OhridNews