Во Основниот суд во Струга денеска се одржаа две одвоени рочишта од судскиот процес против градоначалникот Рамис Мерко за набавката на автомобил „Ауди А6“ за потребите на Општина Струга и за поставено спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда.

На денешното рочиште ги исцрпивме вербалните докази кои судот ги прифати, а се изведоа и материјалните докази. Сега останува да се види целокупната документација, да им се даде можност на одбраната и обвинението да ги спремаат своите завршни зборови и на наредното рочиште веќе предметот да се заврши, изјави судечкиот судија Јордан Јованов, најавувајќи завршница на случајот во текот на јуни годинава.
Пензионираната Лилјана Стојанова, тогаш вработена во Државниот завод за ревизија појасни дека во услови на блокирана сметка претседателот на Основниот суд издал решение за најнеопходните трошоци и функционирање на Општината.
Во услови на блокирана сметка, претседателот на суд дава одобрение за функционирање на Општина и одобрен месечен лимит. Од 50 милиони месечно, а за 12 месеци лимитот бил поголем од вкупниот буџет на Општината во тоа време, кажа Стојанова.
Во својство на сведоци се појавија и претседателот на Комисијата за јавни набавки при Општина Струга Алија Ајдиновски и Ерканда Баута заменик член. Според нив, постапката за набавка на четирите возила меѓу кои и „Аудито“ била спроведена согласно Законот за јавни набавки, по донесена одлука на Советот на Општина Струга за обезбедување средства во буџетот за таа намена. Одбраната на Мерко смета дека во конкретниот случај не постои ниту еден доказ кој упатува на било каква неправилност при набавката на автомобилот „Ауди А6“. Сведоците, кои претходно имале одредени изговори за недоаѓање на рочишта, денеска во Струшкиот суд беа спроведени со полиција по дадена наредба на судијата.

За тој прекршок беше изречена глоба за Општината и градоначалникот, која е платена. Инспекцискиот надзор констатирал дека на левата страна од влезот на Општинската зграда била поставена плоча, испишана на албански јазик „Основно училиште Битолски конгрес, 1 септември 1941 година, рече Митеска.
За Елисавета Кочоска Велјаноска, советник од редовите на ВМРО – ДПМНЕ во општинскиот Совет, поставената плоча била тенденциозна, бидејќи го величела фашизмот.
Тука се работи за незаконско поставување табла-спомен обележје, на објект кој е споменик и заштитено од Министерството за култура и Заводот за заштита на споменици. Содржината на плочата не вознемири сите како граѓани, бидејќи тоа е еден период, кој го глорифицира фашизмот, рече Кочоска Велјаноска.
Судечкиот судија Јордан Јованов кажа дека во оваа постапка сеуште се изведуваат вербални докази на обвинението.
Продолжуваме со вербалните докази на обвинението, понатаму ќе видиме што ќе прифатиме од одбраната, ако се тече по планот и тоа би било при крај, изјави Јованов.
Инаку, како градоначалник на Општина Струга, Мерко во март минатата година, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое, според обвинението, поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја. На предлог на обвинителството одземен му е пасошот и треба еднаш неделно да се јавува во судот.
OhridNews











