Подготовките за најмасовната црковно–народна манифестација за „Богојавление–Водици“, што општина Охрид ја организира заедно со Дебарско кичевската епархија, се на самиот крај.

Како и претходните години така и оваа, одбележувањето на празникот ќе биде во знакот на христијанскиот дух, без дополнително организирање на други пропратни забавни манифестации.  Јавните претпријатија се активно вклучени во расчистување и уредување на просторот околу градскиот плоштад, градското пристаниште и чаршијата, а од денес започнува и украсувањето на градот, изјави в.д. градоначалникот Константин Георгиески.

 

Претходните денови јавните претпријатија го исчистија снегот околу градското пристаниште, кејот и чаршијата и извршија нивелирање на оштетените делови од подлогата од каде влегуваат капачите,  а изминатата недела нуркачите го исчистија дното на езерото каде ќе се спушта Чесниот крст.

Претседателот на координативното тело за организирање на празникот „Богојавление–Водици“, Љупчо Грданоски, истакна дека Црвениот крст од Охрид, ќе постави пунктови на кои ќе врши контролни прегледи на капачите и додаде дека во текот на утрешниот ден треба да пристигне и казанот во кој ќе се прави традиционалната рибна чорба за „Денот на рибарите“.

Самата прослава на празникот ќе започне со утринска богослужба во сите парохиски цркви, а во 08 часот ќе започне божествената литургија, а во 09 часот и 45 минути ќе тргнат литиите кон градското пристаниште каде што ќе се положи чесниот и животворен крст во водите на Охридското езеро. Централната богослужба и оваа година ќе биде во црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско, каде ќе чиноначалствува неговото правосвештенство митрополитот дебарско – кичевски господин Тимотеј, кажа Илија Ристески, претставник на дебарско – кичевската митрополија.

Пријавувањето на капачите започнува од утре во сите парохиски цркви, а на пријавените ќе им следуваат маици и брошури со насоки и програма за самиот празник „Водици“ и „Денот на рибарите“.

OhridNews