ГФК Охрид Лихнидос претрпе пораз од 1:4 во пријателски натпревар од Струга Трим Љум, што се одигра денеска на СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид.

Во дуелот на лидерите во Првата и Втората македонска фудбалска лига, гостите од Струга стигнаа до убедлива победа, иако на полувремето резултатот беше израмнет.

Стружани поведоа во 13. минута преку Радески, кој по одличен центаршут со глава ја смести топката во мрежата за 0:1.

Охриѓани брзо одговорија, па во 18. минута Каланоски се запиша меѓу стрелците и го израмни резултатот на 1:1. Со овој резултат двете екипи заминаа на пауза.

Во второто полувреме Струга Трим Љум беше поефикасна и постигна уште три погодоци. Амагах во 54. и 59. минута двапати ја затресе мрежата на домашниот состав за водство од 1:3, додека конечните 1:4 ги постави Алби Воша во 81. минута.

За двете екипи ова беше одлична можност за проверка на формата и подготовка за продолжението на првенствените обврски.

OhridNews