МЈП “Проаква” со помош на полицијата ќе ги наплаќа сметките за вода од жителите на Струга, но и од останатите субјекти од овој град, кои со години одбиваат да ги платат долговите, соопшти директорот на “Проаква”, Бранислав Трпчевски.

Тој најави кривични пријави за сите оние кои ќе ги оневозможуваат вработените во “Проаква” да си ги извршуваат задачите, пред се околу читањето на водомерите и наплатата на сметките.

– Во функција на оваа мерка која до сега не ја користевме, во наредниот период на наше барање ќе ја користеме како асистенција полицијата бидејки се соочуваме со радикални отпори од страна на поединци, рече Трпчевски.

По основ на ненаплатени сметки за вода “Проаква” од граѓаните има побарувања од 2 милиони евра, а од правните субјекти нешто повеќе од 1 милион евра. Хотелските капацитети и подрачните единици на министерства во Струга остануваат најголеми должници на “Проаква”. Трпчевски вели дека поради ненаплатените сметки се доцни и со исплатата на плати на вработените во компанијата за неколку месеци.

OhridNews