Како што информира директорот на МЈП Проаква Охрид, Златко Старкоски, охриѓани и гостите во претстојната летна сезона, како и преку целата година, ќе пијат чиста вода, испитана од Центарот за јавно здравје согласно сите стандарди од правилникот на вода за пиење.

– Проблемите кои ги имавме во зимскиот период кога изворите имаа слаб капацитет и кога моравме недостатокот на вода да го надоместуваме со испумпавање на вода од езерото преку пунктната станица во Метропол, се надминати. Од крајот на април, водата ја добиваме по природен пат од изворите  Летница, објаснува Старкоски.


Во август и септември, кога се очекува најголема потрошувачка на вода поради големиот број на гости кои ќе престојуваат во градот, како што потенцира директорот, зголемените потреби од вода ќе се задоволуваат со мала интервенција од пунктната станица Метропол.

– Да напоменам дека пред десеттина дена имавме голема акција која редовно се врши – чистење на сите резервоари и цевки низ градот. Тоа се искористи и за да се поправат сите поголеми вентили низ градот кои беа запушени во зимскиот период , а дел од нив беа и заменети, додава Старкоски.

Тој објаснува дека белите траги во водата за пиење кои можат да се забележат  во последните неколку дена, не се резултат на зголемените количини хлор во водата, туку  поради притисокот по чистењето на цевките, што било и очекувано по акцијата и тоа постепено се стабилизира.

OhridNews