И годинава изостанаа парите од Министерството за транспорт и врски кое стопанисува со крајбрежјето, за одржување на комуналната хигиена од страна на јавното претпријатие Комуналец, а околу 40% од концесионерите сеуште немаат склучено договор за подигање на отпадот, информираат од ова јавно претпријатие. 


ЈП „Охридски Комуналец“ и Локалната самоуправа презедоа обврска да ги чистат плажите кои не се под концесија за да го спасат  имиџот на чист град . Се чистеа плажите во Свети Стефан, Пештани, Трпејца. Голем дел од концесионерите, пак кои заработуваат од плажите и треба да се најзагрижени за чистота не се заинтересирани да склучат  договор со нашето претпријатие и тоа е парадоксална ситуација. Концесионерите од една лежалка заработуваат 150 денари дневно, а не сакаат да платат за комуналната услуга чија цена се движи од 1500 до 4000 денари месечно, вели првиот човек на јавното претпријатие “Комуналец”, Сашо Алчев.


Тој објаснува дека од страна на претпријатието биле испратени дописи и до Министерството  за животна средина, како дел од програмата за јавна чистота на крајбрежјето, но и таму не наишле на позитивен одговор.

– Во континуитет се бојкотира нашата работа од Централната власт дури и во однос на нивните обврски. За решавање на проблемот со одржувањето на хигиена на плажите се обративме и до комуналната инспекција на локално и централно ниво. Допис испративме и до Министерството за транспорт и врски кои ги контролираат концесионерите, бидејќи тие се надлежни да превземат мерки доколку не се почитуваат условите во договорите од страна на концесионерите, вели Алчев.


Локалната самоуправа е на став дека Министерството за транспорт и врски, како сопственик на крајбрежјето, е должно за чистењето на плажите кои не се дадени под концесија, да му плаќа на јавното претпријатие. Од надлежното министерство пак во неколку наврати го потенцираа ставот дека одржувањето на хигиената на крајбрежјето, во целост, е обврска на Јавното претпријатие.

“ Точно е дека согласно Законот за јавна чистота, прибирањето на отпадот од  плажите кои не се издадени под концесија, е обврска на ЈП Комуналец , но според истиот закон, ние сме давател на услуга, но корисник е тој кој е сопственик или концесионер, во овој случај, тоа е Министерството за транспорт и врски, изјави уште минатата година директорот на ЈП Комуналец, Сашо Алчев.

Министерството за транспорт и врски се јавува како сопственик на целото крајбрежје во должина од 24 километри. Од нив само 3 км се издадени под концесија и според договорите за закуп, за одржувањето на хигиената, концесионерите имаат обврска да склучат договор со ЈП Комуналец.

OhridNews
фото: В. Бујаровски