Со Акционен план што ќе се спроведува во наредните 5 години Општина Охрид ќе го решава проблемот со бучавата, кој според стручната анализа што ја изврши Друштвото за еколошки консалтинг од Скопје, особено е изразен во текот на летниот период.


Осумдесет отсто од поплаките на граѓаните се однесуваат на бучава од угостителските објекти, кои според спроведените периодични мерења речиси без исклучок и неколку кратно го надминуваат дозволеното ниво од 55 децибели. Во помал обем поплаките се однесуваат на индустриски капацитети и сообраќајот. Најизразен, проблемот со бучавоста е во стариот град, плоштадот и на булеварот „Туристичка“.

Според стручната анализа високото ниво на бучава во Охрид се должи на непочитување на Законот за заштита од штетни влијанија на бучавоста од страна на угостителите, ниската свест на посетителите и локалното население, несоодветна звучна изолација, непочитување на еколошките стандарди од страна на индустриските капацитети, застарениот возен парк и.т.н.


За надминување на бучавоста, Акциониот план  и програма за управување со бучавост на Општина Охрид предвидува повеќе мерки како редефинирање на работното време на угостителските објекти, регулирање на работното време на плажите, пренамена на дејноста на дел од угостителските објекти во стариот дел на градот или нивна дислокација, заострување на критериумите за пренамена на станбен во деловен простор, изградба на патна инфраструктура и санација на регионалниот пат Охрид –Св. Наум, изградба на катна гаража, пешачки и велосипедски патеки, како и засилен инспекторски надзор. Покрај ова на повеќе пунктови ќе бидат поставени мерачи кои ќе го покажуваат нивото на штетна бучавост.


Претставниците на угостителскиот еснаф посочија дека проблемот со бучавоста во Охрид е комплексен и дека за сегашната состојбата не можат да бидат одговорни само тие. Непочитувањето на законските прописи при издавањето на дозволи за работа, како и непочитувањето на работното време од трговските друштва и селективниот пристап на надлежните институции во санкционирање на прекршоците, се само дел од причините за ваквите состојби, истакнаа угостителите. Според нив само со кратење на работното време на угостителските објекти бучавоста нема да се исчезне, туку дека проблемот треба де реши системски, бидејќи само така ќе се надминат недоразбирањата кои  влијаат како на нивното работење, така и на здравјето на граѓаните.


На јавната расправа за Акциониот план за бучавост, што се одржа денеска во организација на Секторот за урбанизам и заштита на животната средина при општина Охрид, граѓаните се пожалија на односот на полицијата која според нив не реагира на нивните поплаки и дека институциите си ја префрлаат одговорноста  за проблемот со бучавоста едни на други. Тие посочуваат дека покрај тоа што им е нарушено здравјето, исто така трпат и економска штета затоа што туристите  кои тие ги сместуваат во своите куќи бегаат заради неподносливата бучавост. „Вака туризам не може да развиваме“, беа дел од коментарите на охриѓани.


Забелешките од јавната расправа ќе бидат имплементирани во Акциониот план за справување со бучавоста. Општина Охрид е прва општина во Република Македонија која има изработено ваков план.

Горан Момироски