Проблемот со кучињата скитници и понатаму останува еден од најголемите предизвици со кои се соочува Општина Охрид, но и целиот Југозападен плански регион. На оваа тема се дискутираше на последната седница на Советот на Општина Охрид, каде што беше поставено прашањето дали локалната самоуправа има конкретна стратегија и иницијатива за надминување на овој меѓуопштински проблем.

Имаме и позитивни и негативни искуства, посебно во начинот односно обемот на работа којашто ветеринарите ја завршуваат, но ова не е решение. За ова постоеше иницијатива во периодот од 2020-2022 на Југозападниот плански регион за регионален центар за кучиња бездомници за заловување, хуман третман, чување… Меѓутоа тие достапните средства од Швајцарската влада тогашниот Југозападниот плански регион одлучи да се пренаменат за три клучни здравствени институции од регионално значење, истакна градоначалникот.
Беа опфатени реконструкција и опремување на Болницата за нефрологија во Струга, опремување на Центарот за физикална терапија при Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, како и зградата за рехабилитација на Кардиолошкиот центар во Охрид.
Така да во тој момент Југозападниот регион за проектот којшто можеше да биде поддржан со такви средства се одлучи за решавање на три регионални болници, што е исто така значајно за сите граѓани во регионот, знаејќи колкав опфат на на жители овие регионални центри покриваат, па дури и на ниво на Македонија.
Иако тогаш приоритет им беше даден на здравствените установи кои опслужуваат пациенти од целата земја, проблемот со кучињата скитници повторно е ставен во фокусот на новиот состав на градоначалници од регионот.

Очекувам на почетокот на наредната година да имаме разговор врз основа на пристапни фондови со коишто Југозападниот плански регион, Бирото за регионален развој, но и центрите за развој низ Македонија ќе можат да располагаат. Ја ставивме оваа тема како приоритна во Југозападниот плански регион и очекувам дека во првиот момент кога ќе ни бидат на располагање соодветни грантови и средства, тие ќе бидат искористени токму за оваа наменети, додаде Пецаков.
Н.С.Ј.










