Намалувањето на наменските дотации за 25 отсто во споредба со 2009 година на раководствата на основните и средните училишта создава проблеми во однос на затоплувањето. Со домаќинско работење и штедење , како што можеше да се слушне на 23-тата седница на Советот на општина Охрид, не се дозволило училниците да бидат студени, но и за оваа учебна година проблемот останува отворен. На седницата беше сугерирано да се направи притисок наменските дотации да се вратат на поранешното ниво. Во расправата градоначалникот Александар Петрески се заложи да се изврши притисок врз Министерството за образование и наука дел од капиталните инвестиции да насочи во охридските училишта.   

Раководителот на Секторот за јавни дејности, Митре Велјаноски, напомена дека е направена уставна дискриминација на една категорија ученици кои се школуваат во стручните училишта,  имаат понизок социјален статус, а немаат учебници. Затоа до надлежното министерство апелираше што поскоро да се исправи нанесената неправда.


По усвојувањето на програмите и финансиските извештаи на училиштата, советниците го усвоија извештајот за работата на Одделението за инспекциски ндзор и Програмата за заштита на потрошувачите.

Советниците ја усвоија и одлуката за организирање на режимот на сообраќај на дел од територијата на општина Охрид, при што беше нагласено дека за успешно спроведување на оваа одлука потребна е соработка со полицијата. Беше констатирана и потребата од изработка на студија со која ќе се подобри сообраќајот на територијата на општина Охрид.

 За двете одлуки за утврдување потреба од изработка и донесување на локална урбанистичка планска документација и одлуките за разрешување и именување членови во управните и надзорни одбори на ЈП „ Билјанини Извори“ и ЈП „ Охридски Комуналец“ , советниците ќе расправаат и ќе одлучуваат на продолжението на 24 – та седница, што дополнително ќе биде закажана.

OhridNews