Постарите Охриѓани паметат дека најава за доаѓањето на пролетта е процветувањето на бајамите (бадемите), засадени во стариот дел на градот и во Горица. Вообичаено ова се случува на средината на март, нo ретко кој забележува дека првите цветови на овие мошне цврсти растенија се појавија деновиве во заливот на Горица 3.

Процветаа бајамите во Горица

За разлика од минатите години, над 10-тината стебла на дивиот бадем (Amygdalus webbii), годинава, овде процветаа мошне порано, односно деновиве, што го забележаа и фотографираа некои од пасионирани рекреативци и минувачи на оваа патека.

Бадемите растат на сончеви места и на почва богата со калциум. Цветовите се светло розови и се јавуваат кон крајот на зимата – рана пролет, а овошјето во почетокот на летото. Од плодовите се добиваат бројни состојки за фармацијата, козметиката и индустријата на парфеми. Во алтернативната медицина се применува против грозница, мигрена, болести на дигестивниот тракт, ублажување на срцеви болки и сл.

Текст&Фото: Стојан Савески