Тур операторите од земјите на Бенелукс,  ги потврдија аранжманите за 14 проценти од закупените капацитети во охридските хотели за сезоната 2012, информираат од ХОТАМ.

-Продажбата засега добро се одвива, особено што сега претстои и Саемот на туризам во Утрехт каде што се реализира и директна продажба на пакет–аранжманите. На саемот каде Македонија како туристичка дестинација се промовира на сопствен штанд очекуваме дека сето тоа ќе биде добро сработено и оти ќе продолжи добрата продажба на аранжманите за летување во Македонија, изјави Дончо Танески од ХОТАМ.

Тој истакна дека продажбата на аранжмани за летување во Охрид исто така добро се одвива и во Финска, а позитивни резултати по презентацијата на националната Агенција за поддршка и промоција на туризмот се очекува и на пазарот во другите скандинавски земји.

Она што е сигурно е дека ова лето на охридскиот аеродром секој ден во неделата ќе слетува по еден авион со странски туристи, додаде претседателот на ХОТАМ.

Танески изрази задоволство од посетеноста на Охрид за новогодишните празници, кога исполнетоста на хотелските капацитети изнесувала над 75 отсто.

– Позитивно е што исто така добро со исполнетост од над 60 отсто минаа и сите оние кои примаат гости во приватниот сектор во зима, рече Танески.

Во врска со претстојниот празник Богојавление,  Танески потврди дека согласно договореното, хотелиерите понудиле атрактивни цени од само 10 евра за ноќевање, со цел да се привлечат што повеќе гости како од регионот, така и од републиката.

OhridNews