Утрово продолжи сечењето на садниците од липа на улицата “Димитар Влахов”, во рамки на проектот на Локалната самоуправа за реконструкција на дрворедите.


Како што информираат од ЈП “Охридски комуналец”, активностите околу реконструкцијата на оваа улица ќе се изведуваат до петок. Кога понатаму ќе продолжат ќе зависи од временските услови.


По реакциите на дел од јавноста, во неколку наврати од страна на локалната самоуправа, беше потенцирано дека реконструкцијата на дрворедите следува по извршена анализа од страна на стручните лица и по добиената подршка на организираната јавна дебата,  на која учествуваа претставници и од јавните претпријатија, експерти и екологисти.


При минатонеделното сечење на садниците, беше укажано дека поголемиот број од нив биле со трули стебла или нападнати од паразити.

Во рамки на проектот предвидено е да се отстранат вкупно 53 садници липа од улицата Димитар Влахов, на чие место ќе бидат засадени нови вкупно 80 садници Лигуструм. Досега се засадени 44 нови садници.

OhridNews