Продолжува акцијата за расчистување на дното на Охридското Езеро од неексплодирани убојни средства, која започна минатиот викенд, во рамки на акцијата што ја спроведува екипа за подводно деминирање на Дирекцијата за заштита и спасување.


Ова е втората фаза од акцијата што почна лани, со финансиска поддршка на американската Влада и Меѓународната фондација за заштита од мини „ИТФ“ од Словенија.

Според работниот план, обучените нуркачи во текот на седмицата ги вадат неексплодираниот материјал од дното на езерото, додека во неделите пронајдените експлозивни средства се уништуваат. Во акцијата овојпат се користи специјална опрема за подводно детектирање и извлекување на опасниот материјал.


Во првата фаза од акцијата што започна минатата година, од Охридското Езеро беа извадени 7.3 тони неексплодирани убојни средства, што датираат од периодот на Балканските и двете светски војни. Опасниот материјал беше уништен на воениот полигон „Криволак“.

OhridNews