Дел од охридските угостители очигледно се убедени дека што е погласна музиката во нивниот објект тоа е подобро, иако најчесто тоа претставува тортура и вистинско малтретирање на нивните гости, но и жителите во станбените објекти во околината.
– Има решение за овој проблем, едноставно со одземање на дозволата за работа на лицата кои работаат во угостителство. Нема кафуле кое не е казнето и не му е изречена глоба. Сега веќе можеме и да ги затвораме , бидејќи законот дозволува со налог до јавните претпријатие да побараме прекин на доставувањето на вода и струја во локалот по што не ќе може да функционира., вели раководителот на општинскиот инспекторат, Танас Танасоски.
Освен бучавоста во центарот на градот, проблем претставува и прегласната музика која доаѓа од дел од плажите на кои често пати се организираат концерти кои почнуваат во раните утрински часови.
– Инспекциските служби ќе мора да делуваат, бидејќи плажите не се место за концерти. Иако не сум ги видел договорите за концесија, убеден сум дека плажите не се обејкти каде треба да се оддржуваат концерти, туку салите или некои други јавни површини . Лично сум на ставот дека ако бучава доаѓа од плажите, тогаш во нив од 20 или 21 часот да не се пушта музика, нагласува градоначалникот Александар Петрески.
Од пазарниот инспекторат потенцираат дека угостителските објекти на крајбрежјето се регистрирани како кафе- барови и според тоа треба да го почитуваат работното време кое важи за овој вид локали.
По завршувањето на состанокот на советот за превенција, беше најавено дека со цел да се почитува дозволената граница за бучавост од 15 до 18 часот и од 22 до 05 часот, инспекциските служби кои се надлежни околу проблемот со бучавоста, заеднички и координирано секој ден ќе излегуваат на терен. Интензитетот на работата на инспекциските служби ќе биде од 22 до 03 часот по полноќ.
Останува времето да покаже дали ваквите најави конечно ќе вродат со плод и ќе сопре трештењето на музика која доаѓа истовремено од различни локации, при што без сон остануваат не само охриѓани, туку и бројните туристи во градот.