Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска изјавија дека само во текот на изминатата недела запленети се девет возила кои вршеле нелегален превоз на патници.
„Во текот на минатата и првиот квартал на оваа година, ние направивме над 400 заеднички контроли, каде што беа одземени 220 возила. Меѓутоа со законските измени и овозможувањето на трајно одземање на возилата на превозниците кои нелегално вршат превоз во патниот сообраќај, само во текот на вчерашниот и завчерашниот ден беа трајно одземени девет возила.“ – изјави Јанкулоска при заедничката посета со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на Агенцијата за одземен имот на РМ во Идризово.
Деветте возила кои беа запленети минатата недела се во вредност од 10 милиони денари и тие ќе и припаднат на државата. Министерот Миле Јанакиески истакна дека со оваа акција сакле да им излезат во пресрет на легалните превозници, со што анализите покажале дека бројот на патници кај легалните превозници бил драстично зголемен.
Според Јанакиески, се работи за возила кои во просек чинат околу 15.000 евра. Првичните согледувања по акцијата која ја спроведоа министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски, покажуваат дека се зголемил бројот на патници кои легално ги купиле своите билети.
OhridNews












