Во охридските средни училишта и низ Македонија денес се одржува екстерното тестирање за вториот предмет, со кое во Охрид се опфатени вкупно 642 матуранти.
Тестирањето за матурантите се спроведува сега, затоа што во јуни тие ќе имаат обврски за полагањето на државна матура. Останатите ученици, од трето одделение до трета година средно, екстерно ќе бидат тестирани на крајот на учебната година.
Тестирањето за првиот предмет се одржа на 22 јануари, по што министерот за образование Спиро Ристовски, изрази задоволство од текот на спроведувањето во сите 96 средни училишта во Македонија и потенцираше дека има исклучителен напредок во реализацијата, затоа што концептот е многу подобрен во функционалноста.
Со екстерното тестирање во средните училишта во Македонија се опфатени околу 20.000 ученици, 2.900 наставници по вкупно 1.524 предмети од гимназиско, стручно и уметничко образование. Без оценка од екстерно тестирање, учениците нема да добијат свидетелство на крајот на учебната година, а оние кои биле отсутни од оправдани причини ќе полагаат дополнително.
OhridNews