Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2017 година во Охрид изнесува 118. Во истиот период починале 136 лица, од кои 2 доенчиња, што претставува негативен природен прираст од -18. Во последното тримесечје од 2017 година, во Охрид се склучиле 66 бракови, а се развеле 19.

Негативен демографски тренд и натаму бележи и општина Дебрца. Таму во четвртото тримесечје од 2017 година се родиле 10 деца, а починале 24 лица.

За разлика од Охрид и Дебрца, Општина Струга и натаму бележи значителен природен пораст на населението. Во последното тримесечје од 2017 година во Струга се родиле 163 бебиња, а починале 77 лица, од тоа едно доенче. Склучен бил 91 брак, а разведени 23.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2017 година во земјава, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 2.3% и изнесува 5 352 живородени деца. 

Бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2017 година бележи намалување од 12.6% во споредба со истото тримесечје од 2016 година и изнесува 4 848 лица, а од нив 36 се умрени доенчиња. Природниот прираст изнесува 504 лица, што значи дека за толку лица е поголем бројот на живородените деца од бројот на умрените лица. 

Во ова тримесечје од 2017 година бројот на склучените бракови е 3 119, што претставува зголемување за 6.9% во споредба со истиот период од 2016 година. Бројот на разведените бракови во ова тримесечје е 590, што претставува намалување од 9.8% во споредба со истиот период од 2016 година.

OhridNews