Обемот на улов на охридска пастрмка на албанската страна од Охридското Езеро е зголемен, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николоски, одговарајќи на  прашање на пратеникот Томислав Тунтев, кој побара  информации, за како што рече, уништувањето на ендемските видови во Охридското езеро со бесправно ловење и несоодветно порибување. 

Нашите информации говорат за зголемување на обемот на улов којшто е од страна на Република Албанија на делот од Охридското Езеро од република Албанија и затоа може да ја пратиме пораката дека заеднички и со Инспекторатот и со МВР, Министерството ќе ги преземе искоординирано сите активности заради утврдување на точната фактичка состојба. – рече Николовски.

Во врска со уловот на македонска страна од Охридското Езеро, каде стопанисува концесионер, министерот Николовски информира дека до овој момент не е надмината количината пропишана со концесискиот договор. Тој истакна дека е отпочната постапката за доделување нова концесија во следните шест годинии и дека процесот се одвива внимателно, со вклученост на граѓанскиот сектор со цел да се обезбеди што поголема заштита на рибниот фонд на Охридското Езеро.

Kонцесионерот со Охридското Езеро „Пастрмка 2012“, во март минатата година, побара државата во наредните десет години да воведе целосна забрана за лов на охридска пастрмка, истакнувајќи дека тоа е единствениот начин заедно со добра физичка заштита овој загрозен ендемски вид риба повторно да се врати во езерото. Барањето било испратено до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

– Доколку се сложи и Албанија да даде таква забрана се надеваме дека пастрмката ќе се врати. На нас ни беше дозволено голема количина да ловиме пастрмка, некаде околу 30-40 тони, а ние не фативме ниту 300 килограми и избегнуваме да ја ловиме оваа риба. – рекоа тогаш од „Пастрмка 2012“.

OhridNews