Проектот Отворени социјални денови во руралните средини ќе продолжи да се реализира и периодот од септември до ноември годинава, соопшти во среда министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
„Планирано е да се опфатат нови рурални средини и повторно да се посетат оние каде што има потреба. Во однос на претходно посетените рурални средини, ќе се предвиди повторна посета со цел да се провери состојбата на евидентираните лица и семејства во социјален ризик, но и ќе се обезбедат соодветни донации во облека, храна и хигиенски производи. Во однос на претходно евидентираните случаи на потреба од социјална заштита, центрите за социјална работа спроведуваат континуиран систем на следење на постапките за остварување на правата и услугите од социјална заштита”, рече Спасов.
Целта на проектот Отворени социјални денови е Министерството непосредно да допре до што е можно повеќе оддалечени и тешко пристапни населени места ширум нашата држава.
„Со овој проект се овозможи стручните тимови да допрат и до граѓаните коишто живеат во пооддалечените населени места во руралните средини, кои можеби и поради најразлични причини досега не стигнале до одредена парична помош и парично право и услуга од системот на социјална и детска заштита. Со ваквите непосредни и теренски посети се постигна унапредување на пристапот кон правата и услугите од социјалната заштита за жителите од руралните населени места ширум државата, и значително го приближи системот на социјална заштита до оние на коишто им е најпотребна. Триесетте центри за социјална заштита имаа обврска на граѓаните да им дадат стручна помош во решавањето на социјалните проблеми со коишто се соочуваат, да им помогнат во обезбедување на неопходната документација и поднесување на формуларите и остварување на правата”, рече Спасов.
Тој уште информираше дека проектот се реализираше во две етапи и тоа во периодот септември-ноември 2013 година и февруари-јули 2014 година.
„Од страна на стручните тимови на Центрите за социјална работа во соработка со најголем дел од општините, во првата фаза посетени се 662 населени места, а во втората фаза по прв или втор пат посетени се 480 населени места во 74 општини ширум државата. На информативните средби за правата и услугите од социјалната заштита како и давање информации за услуги кои се обезбедуваат од други институции беа опфатени и посетени 6898 граѓани, од нив веќе 467 граѓани остварија права од социјална заштита, остварија редовна финансиска помош, добија соодветна услуга која што ќе им помогне во надминување на ризикот со кој се соочуваат“, додаде министерот.
OhridNews
Извор: „Макфакс“