Нова есен, стара песна на планините во регионот. Од сите страни ечат моторни пили, безмилосно се сече шумата, за жал во голем дел и незаконски. И сето тоа на очиглед на надлежните служби задолжени за чување на шумите велат жители од струшко Вишни и околните села, кои повторно алармираат на проблемот со сеча на огромни површини шума на планината Јабланица. Екологисти од струшкиот крај објавија фотографии правени  подолг период, на кои се гледа размерот на сеча на дрва на Јабланица.

Мештаните велат дека Јабланица секојдневно се оголува, а тешките камиони натоварени со огревно дрво ги уништуваат локалните патишта. Стравуваат и за својата безбедност, зашто во сомнителниот бизнис со дрва се вртат големи пари, а тие што се занимаваат со оваа „работа“ не бираат средства да ја постигнат целта, велат тие.

Според мештаните и натаму отстуствува соодветна реакција на надлежните институции, иакои постојано укажуваат на проблемот. Пред три години жителите од овој дел на струшко, од сите етнички заедници, организираа заеднички протест против уништувањето на шумите на планината Јабланица, но како што велат, оттогаш работите многу не се промениле. Напротив, уништувањето на шумите на Јабланица која претендира да стане национален парк, продолжува со несмален интензитет.

OhridNews