Како што денес информира вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, согласно усвоените измени на законот за персонален данок, се продолжува рокот за неоданочување на приходите на камата на штедните влогови. Со усвоените измени од страна на владата, наместо како што беше предвидено од почетокот на 2013 година, рокот се продолжува до влезот на Македонија во Европската унија.

Според Ставрески, станува збор за исклучително позитивна мерка со која ќе се придонесе да се поттикне и да се задржи позитивниот тренд кај штедењето, што ќе значи и обезбедување свеж капитал за стопанството.

– Мерката ќе има придобивки за вкупната економија и придобивки за банките односно ја обездува стабилната депозитна база на банките од која тие ги финансираат стопанските субјекти. За граѓаните е позитивна мерка, бидејќи целиот приход што го добиваат од камати им останува на нив и не треба да плаќаат данок, а е позитивна за стопанството бидејќи истовремено на нивните депозити нема да се плаќа данок, а истовремено ќе има поголем депозитивен потенцијал што ќе овозможи полесно да се добијат кредити, вели Ставрески.

OhridNews