Втор ден продолжува протестот во јавниот сектор со прекин на работниот процес во работно време во органите на државната и локална власт и други државни органи основани согласно Уставот и законите. Во Охрид институциите кои се наоѓаат во јавниот сектор покажаа солидарност и се вклучени во овој синдикален штрајк, на своите работни места со необавување на обврските, вели Стевчо Маслов од Регионалното синдикално претставништво на ССМ во Охрид.
Ќе се штрајкува до остварување на трите начелни барања, а тоа се линеарно зголемување согласно минималната плата од 2806 денари, враќање на правото за регрес на годишен одмор и потпшување на нов општ Колективен договор. До кога ќе продолжи штрајкот зависи од тоа како социјалните партнери ќе ги прифатат нашите барања кои се минимални во однос на целата ситуација и целиот овој енергетски и економски шок, вели Маслов.
Потенцира дека досега во ССМ не е пријавено спречување или нарушување на синдикалниот процес, притисоци не се пријавени, единствено било пријавено непознавање од страна на директорите околу организацијата на самиот синдикален процес. Тука имаше само недоразбирање, притисоци нема, додава Маслов.
Од денес штрајкот е со прекин на работното место од 10 до 11 часот. Динамиката на штрајкот ќе зависи од насоките кои ќе ги добиеме. Нашите барања се минорни во поглед на целокупната економска ситуација. Очекуваме платите и во Општина Охрид, во јавните претпријатија да бидат линеарно зголемени по примерот на град Скопје и што побрзо формирање на Локален економско социјален совет каде покрај другите вклучени страни ќе има и претставници од синдикатите за да може да влијаеме на подобрување на статусот на работниците, додава Маслов.
Потсетува дека на протестот вчера беа поставени 120 празни столчиња пред Парламентот сакајќи да ги потсетат пратениците да го прифатат амандманот со кој се бара во ребалансот на Буџетот да бидат одвоени средства за линеарното зголемување на платите, а денес од 10 до 14 часот истите беа поставени пред Владата. Утре протестот ќе продолжи пред министерството за финансии, во истиот период од 10 до 14 часот, каде ќе се изрази истото незадоволство бидејќи не се прифатени барањата на синдикатот од страна на Владата.
Н.С.Ј.
фото. ССМ